Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание

Хенри Милер




Хенри В. Милер (1891-1980) е еден од најзначајните американски писатели на 20-тиот век. Познат е по радикалното оддалечување од тогаш постоечките книжевни форми и развојот на нов вид „роман“, кој е смеса од роман, автобиографија, општествена критика, филозофски рефлексии, слободни надреалистички асоцијации и мистицизам – сево ова врз подлошка од „реалниот живот“ но претворено во врвна уметничка фикција.
Хенри Милер потекнува од семејство на доселеници од Германија. Роден е и пораснал во Њу Јорк. Студирал само два месеци – иако бил одличен студент, не сакал да ги прифати „стегите на академското образование“.
Во 1928 и 1929 година, минува по неколку месеци во Париз, за во 1930 година таму да се пресели и да остане до почетокот на Втората светска војна. Во Париз живее во беда и сиромаштија: му помагаат пријателите, меѓу кои е и Анаис Нин, која го финансирала првото издание на Раковиот напоредник во 1934 година. Во Париз, Милер повремено работи како коректор за париското издание на Чикаго Трибјун. И покрај тешкиот живот, парискиот период е еден од најплодните во неговото творештво. Тогаш ги пишува и ги објавува романите Раковиот напоредник, Црна пролет (1936) и Јарешкиот напоредник (1939). Парискиот период е значаен и поради неговите контакти со надреалистите.
Делото на Милер содржи детални описи на сексуални искуства, а неговите книги во голема мера придонеле кон ослободувањето на сексуалноста во Америка, како од правен, така и од општествен аспект. Првите три книги во неговата родна земја стигнуваат преку шверцерски канали, што на Милер му носи слава во суб-културните кругови.
Едно од првите јавни признанија како современ писател Милер го добива во есејот „Во внатрешноста на китот“ (1940) од Џорџ Орвел: „Според мое мислење, ова е прозаист со ретка вредност, каков што не се појавил во англиското говорно подрачје веќе подолго време. Иако можеби ќе се смета за претерување, веројатно ќе се согласите дека Милер е несекојдневен писател кој заслужува целосно внимание. Повеќе од сè, тој е потполно негативен, неконструктивен, аморален писател, вистински Јона, пасивен прифаќач на злото, еден вид Витман меѓу лешови“.
Во 1940 година, Милер се враќа во САД, каде што со своите дела ги бранува современите американски културни вредности и морални начела. Раковиот напоредник е објавен во САД дури во 1961 година, по што следуваат неколку судски процеси против Милер, со обвиненија дека ги поткопува моралните и општествените вредности и дека објавувал порнографија. Судските процеси завршуваат во 1964 година и во негова полза, со пресуда дека неговите книги се книжевни дела. Ова е значајно од аспект дека настанот се смета за почеток на сексуалната револуција која од САД потоа се шири низ поголемиот дел од светот.
Меѓу позначајните дела од вкупно четириесет и трите објавени книги на Милер се и романите од трилогијата Ружино распетие: Сексус (1949), Плексус (1953), Нексус (1960), романот Мирни дни на Клиши (1956), книгите есеи Космолошко око (1939), Мудроста на срцето (1941), Климатизиран кошмар (1945) и Книгите во мојот живот (1952), и патописите Колосот од Маруси (1941), како и неколку книги посветени на сликарството.
Несомнено големо е влијанието на Хенри Милер врз Бит генерацијата која се создава во САД во средината на шеесеттите години од минатиот век, особено врз Џек Керуак.


Книги од Хенри Милер во издание на Блесок:


thumb

Пакет 04

Три врвни романи со ненадминлива цена! 

• „Ноќен тренинг“, од Сибила Петлевски
• „Дванаесеттиот дијалог“, од Том Петсинис
• „Раковиот напоредник“, од Хенри Милер


thumb

Раковиот напоредник

Роман од Хенри Милер, еКнига, на македонски. 

Превод од англиски: Игор Исаковски. 

Класика! Задолжително читање за секој вистински љубител на книжевноста.


thumb

Раковиот напоредник

Роман од Хенри Милер (2009)

Превод од англиски: Игор Исаковски

Едиција с.р., книга 06 

Класика! Задолжително читање за секој вистински љубител на книжевноста.




Блесок бр. 61-62, јули-октомври, 2008
      проза: Раковиот напоредник






50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+