Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание

Оскар Кокошка




Оскар Кокошка (1886 - 1980)

Оскар Кокошка е роден во Пухларн на Дунав, Долна Австрија, на 1 март 1886. Неговата мајка потекнува од шумарско семејство од Долна Австрија. Неговиот татко имал потекло од славната лоза на прашките златари, но кога Оскар се родил, татко му работел како трговечки патник за една фирма за накит. Оскар бил второ од четирите деца во семејството.

Неколку месеци по неговото раѓање, семејството се сели во Виена. Во 1904 ОК е награден со стипендија од Kunstgewerbeschule (Училиште за уметности и занаети). Имал намера да биде учител по уметност. Во 1908 ја поставил својата прва изложба. Поточно, му се укажала можност да претстави некои од своите дела, кога групата Климт ја посетила Виена.

Во 1909 ја има првата самостојна изложба во "Internationale Kunstschau", а истата година го напушта училиштето. Во 1910 заминува во Берлин, за по првпат да работи со Волден. Во 1912 неговото име станува познато во уметничките кругови ширум Европа: учествува на сите важни изложби на континентот.

Во 1913 се жени со Алма Малер, којашто за него изградила куќа во којашто ќе може да работи и каде што поминале една година. По абортусот на Алма во 1914, тие се разделиле.

На 1 август 1914, започнала Првата светска војна. Оскар се пријавува во една од најелитните регименти во Австро-Унгарската армија, 15-та Кралска Коњаничка. Бил испратен на Источниот фронт, каде што е ранет и потоа отпуштен од армијата како неспособен за служба.

Во 1918 умира Густав Климт. Оскар и’ пишува на мајка си: „Плачев по кутриот Климт, единствениот виенски уметник којшто имаше талент и карактер. Сега, јас сум негов наследник, како што еднаш од него побарав во "Kunstschau", а не се чувствувам подготвен да го превземам водството врз тоа стадо изгубени овци“. Три години подоцна, тој се сели во Дрезден, каде што работи како професор на академијата.

Во ова време во Германија се случуваат битки помеѓу различни политички партии. Во март 1920, една слика на Рубенс е уништена. Оскар со отворено писмо му се обратил на населението на Дрезден: „Барам од сите оние коишто имаат намера да користат огнено оружје за да ги промовираат своите политички убедувања, ..., да бидат доволно милозливи и да ги одржуваат своите воени вежби на друго место, а не пред уметничката галерија во Цвингер; на пример, на некои ридови каде што човечката цивилизација не е во опасност... Сигурно е дека во иднина Германците ќе откријат многу поголемо уживање и значење во гледањето слики коишто ќе бидат зачувани, отколку во сите современи политички идеи“.

Подоцна истата година, тој му пишува на семејството: „Откако ја напуштив Виена, се вљубив околу деветнаесет пати, секогаш сериозно, во лесноумни дами со големи срца... Редовно добивам љубовни писма, и тие се како светлина на изгрејсонце; така и бојам со прекрасни бои што сјаат“.

Во 1922 Оскар му пишува на татка си: „Верувам, со сета сериозност, дека сега сум најдобриот сликар на светот“. Во 1923 започнува да живее немирен, патнички живот. Никогаш не сум чул за уметник којшто патувал колку Оскар Кокошка. Тој сликал како што ние денес користиме фото-апарат, рекол еднаш еден критичар. Во годините потоа, Оскар патувал и сликал и патувал, и сликал.

Подоцна се сели во Париз, а откако се скарал со неговиот агент, се преселил во Прага. За време на Втората светска војна, германскиот систем ги забранил неговите дела, но и за време на војната а и по неа, ОК бил застапен на секоја поголема изложба. Во тоа време ја има и првата изложба во САД.

Во тие години, неговите изложби често оделе заедно со оние на Климт и на Шиел. Тој е основач на Германската Слободна лига за култура, формирана во Лондон во 1939, пред самиот почеток на Втората светска војна. Оскар Кокошка починал во болницата во Монтре, на 22 февруари 1980, на возраст од 94 години.



Блесок бр. 25, март-април, 2002
      галерија, изложба:






50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+