Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание

Лилјана Мазова




Лилјана Мазова, театарска критичарка и публицистка е родена во Скопје каде го завршува основното, средното и високото образование на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“. Во весникот „Нова Македонија“ повеќе од три децении работи во рубриката Културен живот и во прилогот за литература и култура ЛИК кој и го уредувала. Мазова највнимателно го проследува актуелниот театарски контекст, театарот во Македонија и во светот, но и македонскиот театар во светот. Таа е авторка на повеќе од девет илјади единици – рецензии за претстави, коментари и интервјуа со театарски творци, но и за творци од светот. Авторка е на патеписи, учесничка е во разни дебатни тв емисии посветени на театарот и на културата воопшто, текстови по повод јубилеи и изложби поместени ѝ се во разни каталози, а соработува и во повеќе театарски и театролошки едиции.
За својата посветеност и како признание за постигнатото, е добитник на наградата „Крсте Мисирков“ за едногодишно остварување (1980), на наградата „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ за новинарство (1981), на годишна награда на „Нова Македонија“ (1988) и за долгогодишна работа на „Нова Македонија“ (1998), на наградата за наука „Гоце Делчев“ (2003)... а сите за авторски текстови од областа на театарот. Во овој контекст е ставот на проф. д-р Јелена Лужина, театаролог, објавен во неделникот „Актуел“, во кој, меѓу другото, пишува:

„... својот новинарски стаж (респектабилно долг: три и кусурче децении непрекината актива!), Лилјана Мазова го помина/поминува среќна и задоволна, пред сè затоа што успеала/успева целосно, женски упорно, да му биде верна само на еден-единствен професионален жанр. На театарската критика. Дека верноста и упорноста понекогаш и се наградуваат, докажа – за среќа – нејзината матична куќа „Нова Македонија“, доделувајќи ѝ ја, во 1998 година, наградата за животно дело. Со што новинарскиот сталеж призна, барем во случајот на Лилјана Мазова, дека и пишувањето на некои теми што не се политика, и од кои дефинитивни „не се живее“, може да биде од животна важност. Или, поинтимно, може да искажува/претставува респектабилен животен избор. Одбирајќи го, значи, статустот на рецентниот македонски театар како единствено поле на својот професионален интерес, Мазова ги евидентира не само неговите естетички подеми и дострели, туку настојува да не ги скока/премолчува неговите сомнежи, недоразбирања, промашувања, неснаоѓања, загуби... Таа целиот свој живот го поминала и поминува пишувајќи само за едно нешто, нешто што за неа едновремено е и повеќе и помалку од истиот тој живот...“


Мазова објавува и во други списанија или во весници на некогашниот ју простор: „Дело“, „Наши дани“, „Вјесник“, „Одјек“, „Ослобоѓење“, „Око“, „Сцена“, „Дневник“, „Театарски гласник“, сега пак во „Сцена“ во Нови Сад, во неделникот за култура „Зарез“ во Загреб... Членувала во разни програмски комисии или фестивалски одбори: член и претседател и на Одборот на критиката на Стерииното позорје, член на Програмскиот одбор на Фестивалот на малите и експериментални сцени во Сараево, во фестивалското жири и други оценувачки комисии, член на селекторските комисии за Стерииното позорје и за МЕСС, член и претседател на Комисијата за театарската програма на Фестивалот „Охридско лето“, селектор, член и претседател на оценувачката комисија на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, жири за наградата „Климент Охридски“, на „Св. Климент Охридски“ на „Нова Македонија“ и „Златната маска“ на „Вечер“ за најдобри претстави и најдобри актерски остварувања на „Охридско лето“, во жиријата на критичарите на „Ослобоѓење“ и на „Дневник“, на жирито за „Златна плакета“ на „Нова Македонија“ за најдобра претстава на „Војдан Чернодрински“, водител е на разговори со театарските творци, на трибини, сумпозиуми и на сумпозиумски сесии.
Текстови ѝ се поместени во разни библиотеки, во монографии и каталози: во зборникот „Современа драма и театар во Македонија“; театролошки истражувања ѝ се публикувани и во повеќе зборници што ги издаваат Факултетот за драмски уметности во Скопје – Институтот за театрологија, и Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“; со обработени теми учествува во подготовката на разни монографии од областа на театарот како, на пример, монографијата за Ристо Шишков објавена во 2002; луксузна и високо вреднувана монографија за актерот Илија Милчин во 2003, монографијата за Петре Прличко во 2004, приредувач е на Собраните дела на Иван Мазов (шест тома, 1982); коавтор е на книгата за актерот Тодор Николовски; во изданието The world of Theatre на Интернационалниот театарски институт за 2004; дел е од тимот кој го подготви електронско издание – ЦД ромот Театарот на македонска почва за кој седуммина автори, меѓу кои е и Мазова, ја добија наградата Гоце Делчев за научно - истражувачка работа за 2002 година. Активно соработува и со Институтот за театрологија при Факултетот за драмски уметности во Скопје, во подготовката на проекти од областа на театрологијата, на проекти/изданија во рамките на научно-издавачката дејност што се проекти на Македонската академија на науките и уметностите – Макропроектот „Историјата на културата на Македонија“ – Театарот на почвата на Македонија од антиката до денес.
Мазова е автор и на книгите: Ковчег со време – Театарски патувања и ТОЈ и ТИЕ – Театарски сложувалки. Во двете книги го истражува и одново оценува, систематизира и сложува своето долгогодишно искуство, знаење и над сè љубов кон работата и кон најживата и највитална уметност – Театарот, отргнувајќи го од заборавот на времето битното и неистраженото во нашиот театар.

Лилјана Мазова била уредничка на Блесок Театар.



Блесок бр. 44, септември-октомври, 2005
      театар, осврти: Го најдов патот и ќе продолжам по него

Блесок бр. 45, ноември-декември, 2005
      театар, осврти: Посебноста на театарската тимската работа

Блесок бр. 46, јануари-февруари, 2006
      театар, осврти: Состојба на општа зомбификација

Блесок бр. 48, мај-јуни, 2006
      театар, осврти: Ист текст, две изведби

Блесок бр. 55, јули-август, 2007
      есеи: Душан Јовановиќ – Игра на судбината и на човечноста






50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+