Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 57 | година X | ноември-декември, 2007



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 57ноември-декември, 2007
Есеи

Црнила како национална драма

/9
стр. 1
Јелена Лужина

Познатата драма на Коле Чашуле – организирана во прилично нестандардна квадрифониска/„четиричлена“ форма (во четири дела, а не, како што би вило вообичаено, во четири чина), насловена со прилично стигматична и соодветно конотативна синтагма „Црнила“ – несомнено е една од клучните македонски драми, едновремено и драма што лаконски („по автоматизам“) се атрибуира како „национална класика“, што и да значи оваа прилично неодредена/неодредива формулација. Текстот што следи има намера да ги истражи потенцијалните значења на таа формулацијата, обидувајќи се истите да ги аргументира или да ги проблематизира со помош на егзактни и апсолутно проверливи факти.
    Најпрвин оние навидум формални:
    Пишувана помеѓу 1956 и 1960 година, драмата најпрвин била објавена/објавувана во делови или во фрагменти: во весникот „Нова Македонија“ (1960) и во списанието „Разгледи“ (1960/61). Дури потоа – откако целиот нејзин текст бил публикуван, што значи: авторски „проверен“ – се случи и праизведбата, инсценирана на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје, тогашниот централен (најпрестижен / најрепрезентативен / највлијателен…) театар во државата, национален по своето номинално (ономастичко), но културално/идеолошко значење. Во режија на Илија Милчин, праизведбата се има одиграно на 26 јануари 1961, со учество на најдобрите актери со кои диспонираше тогашниот ансамбл: Петре Прличко како Фезлиев, Илија Џувалековски како Луков, Вукан Диневски како Иван, Тодорка Кондова-Зафировска како Неда, Ацо Јовановски како Младичот… Постпремиерниот успех беше децентен (како и доликува на малата средина), ама и – евидентен[1]. Дури по признанијата што оваа драма ги доби надвор од Македонија, нејзината „цена“ во домашниот контекст како да „порасна“.
    Во текот на изминативе 45 години, „Црнила“ бележат дури 26 премиерни постановки (14 во Македонија и 12 надвор од неа), станувајќи една од пет-шест најизведувани македонски драми, воопшто[2]. И во текот на последниве две години, оваа драма забележала две исклучително успешни и навидум исклучително радикални инсценации, потпишани од режисерите Дејан Пројковски (2004 во Народниот театар во Штип) и Слободан Унковски (2005, во Македонскиот народен театар во Скопје).
    Попатно, „Црнила“ е прва македонска драма наградена на некој од тогашните респективни и влијателни фестивали, што се одржуваа во поранешната заедничка држава (Шесто Стериино позорје, 1961: Специјална Стериина награда за драмски текст, доделена на авторот; Стериина награда за глума, доделена на Петре Прличко) и прва која била преведена и објавена на повеќе странски јазици (хрватски, 1962; чешки, 1964; полски, 1972; српски, 1975; англиски, 1977 – публикувана во Њу Јорк, во тогаш мошне важна едиција «Five Modern Yougoslav Plays»). Според мотивите од „Црнила“ снимен е и еден од првите македонски играни филмови (ако добро бројам

_____________________________________

1. Интересно е да се споредат критиките, пишувани и објавени непосредно по праизведбата, со оние што беа публикувани по првите сериозни признанија и награди, кои уследија по неколку месеци; македонската театарска критика како допрва да ги „откриваше“ метатекстуалните импликации што драмската партитура ги загатнува, препознавајќи ги нивните релеванции.
2. Доколку ја „изземеме“ прворангираната и апсолутно нестандардна театарска судбина на „Буре барут“на Дејан Дуковски (праизведена 1995) – пиеса со само една премиерна постановка во Македонија, ама со уште триесеттина во странство – најголем интерес кај домашната театарска публика досега предизвикале драмите од нагласено национален тип: „Бегалка“ на Васил Иљоски (од 1928 до денес 24 постановки), „Чорбаџи Теодос“ од истиот автор (од 1936 до денес 23 постановки), „Печалбари“ на Антон Панов (од 1936  до денес 23 постановки – 21 во Македонија и 2 во странство) и „Македонска крвава свадба“ на Војдан Чернодрински (14 премиерни постановки во Македонија и 1 во Софија – легендарната праизведба од 1900-та, која потоа, до 1930/35, доживеала повеќе репризни обнови, режирани од самиот автор).






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+