Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 60 | година XI | мај-јуни, 2008



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 60 мај-јуни, 2008
Критика

Скриената камера на Димковска

(оглед за егзилот, пишувањето, жената и „чистото“ низ дневникот и камерата на една поетеса – номад)


/9
стр. 1
Душко Крстевски

Што е заедничко за Силвија Плат, Марина Цветаева и Вирџинија Вулф? Сите три биле познати писателки и сите три извршиле само-убиство. Што е тоа коешто ги тера писателките да се одлучат на ваков чин на „себеморство“ (да се послужиме со терминот на Лидија Димковска од нејзината поетска збирка „Нобел против Нобел“[1]). Дали е тоа заради неможноста за целосна афирмација во светот на писателите кој е окарактеризиран како „машки“ или пак длабоко комплексната природа која е независна од полот и општествените прилики? Дали е длабоката ингениозност причината за погибелот или фрагилноста на „слатко-меланхоличната“ природа на уметноста и уметникот? При „чепкањето“ на нивните биографии доаѓаме до различни заклучоци. Но, дали се секогаш биографиите валидни? Постојат злобници кои ќе речат дека нивните биографии се повредни и поинтересни од нивните напишани дела. Познатиот романски несистематичен филозоф нихилист Емил Сјоран (на романски Чоран) во своето дело „Оглед за распаѓањето“ вели: „Биографиите на поетите беа измислени за да го заменат оној живот што тие го немале…“[2] Дали прогонот и егзилот на Цветаева се виновни за нејзината судбина? Дали честите неверства на Тед Хјуз кон Силвија Плат и неможноста таа да излезе од „поетската сенка“ на својот маж е причината за нејзината смрт? Дали расколот во душата на Вулф, скриените лезбејски афинитети или стравот од војната која се приближувала ја натерало да се одлучи на давење? Никогаш докрај нема да можеме да проникнеме во психата на овие талентирани писателки.
    Женското писмо (ако воопшто постои поделеноста на Logos–от на машки и женски?) повеќе од сигурни сме дека е етаблирано на македонската литературна сцена веќе неколку децении, а доколку се навратиме еден век порано, може да се види дека тоа егзистирало, макар и во некоја подзамаглена форма и во раскажувањата и пеењата на „изворите“ на собирачите на народни умотворби како: Григорович В.; Верковиќ С.; браќата Миладиновци, Шапкарев К.; Ѓиновски П. и ред други од канонизираната македонска народна литература. Женските рапсоди како Депа Кававева, Дафина од Просинек, Ѓурѓа Котева итн., се јавуваат како најзначајни информатори за народната традиција и фолклор. Не случајно ги нарековме погоре „извори“ („природата“ на жената е иста како онаа на изворот и на земјата – таа раѓа и пресоздава). Старите преданија, песни, обичаи практично поминале низ „креативниот филтер“ на овие славни певици и како такви се канонизирале во зборниците. Но сепак се чини дека постои една маргинализација како на овие „интерпретаторки“ така и воопшто на женските авторки сè до периодот на 70-те години од 20 век.

_____________________________________

1. Димковска, Лидија: Нобел против Нобел, Блесок, Скопје, 2001.
2. Сјоран, Емил: Оглед за распаѓањето, Култура, Скопје, 1996, стр. 133.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+