Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 61-62 | година XI | јули-октомври, 2008



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 61-62јули-октомври, 2008
Галерија Осврти

Во светот на основните честички

(Антони Мазневски, изложба во Мала Галерија, 2007)


/1
стр. 1
Бојан Иванов

    Поновите работи на сликарот Антони Мазневски (1963, Скопје), потекнуваат од обновениот интерес за изразните моќи на цртежот и планарната скулптура. Во оваа пригода, просторот на Мала Галерија ги угостува дваесет и седумте пастели на авторот, коишто се настанати во текот на 2006 година.
    

    На рамниште на мотивот и постапката, решението на Мазневски е мошне едноставно: широкиот избор на криволинејки од приборот за техничко цртање, тој го користи како предлошка за градење на симетрични човеколики склопови, симболични претстави и поводи за препознавање на облиците.
    

    Првиот впечаток е невпечатлив – во иста мерка како и првиот впечаток од психолошките тестови на асоцијативни слики. Сепак, во строгата организација на форматот и дисциплинираното ракување со малубројните елементи, се крие неверојатно богатство на формални решенија. Темата на Мазневски е истражувањето во длабочините на потеклото на ова, речиси, неограничено богатство на облици. На своите насетувања за смислата и значењето на овие дијаграми на свеста, авторот им го дава името „Синтетички биогени“ – основни честички на животодавното начело.
    

    Несомнено, во царството на кривите линии, владее поредокот на стварноста – експоненцијалните функции, диференцијалните равенки, геометриски конструираниот трактрикс и чудните дропки наредени долж бројната оска. Нарацијата на Мазневски се одвива токму врз чувството дека знаењето за тој поредок ја втемелува тајната на постоењето.
    

    Се разбира, како и секое друго посветување, и ова бара жртви: линијата извлечена со пастелниот креон е безлична, композицијата е крута и хиератична во изразот, репетитивноста ги затапува сетилата. Единствениот простор на слобода за Мазневски е играта помеѓу очекувањата и неизвесноста, а тоа е игра во којашто ниту се добива, ниту се губи.
    

    Изложените пастели на уметникот, претставуваат само дел од неговите истражувања на ликовното говорење со постоечкиот речник на техничките помагала. Тоа ќе рече дека во овој момент, целината на таа творечката замисла е сè уште недостапна. Оттука, оваа поставка на Мазневски, во рамките на работни согледувања, има двојна улога: да го најави постоењето на поширокиот истражувачки контекст и да го документира обемот и сериозноста на развојните етапи од проектот на уметникот.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+