Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 61-62 | година XI | јули-октомври, 2008



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 61-62јули-октомври, 2008
Галерија Осврти

Како човекот настанал од охридската пастрмка

Бајка-апокриф


/1
стр. 1
Славе Ѓорѓо Димоски

Охридската пастрмка е риба со ендемски карактеристики, која значително се разликува од останатите според: анатомијата, бојата и навиките – доволно можности човекот да настане од неа. Односно доволно причини Мирослав Масин да ја создаде оваа оркестрирана ликовна рапсодија на охридската пастрмка. Неговите најнови платна претставуваат непрекината игра на ликовни делови во создавање компактна целина или целина од различни делови кои меѓусебно се надополнуваат со еротизирани треперливи импулси. Во нив се појавува таинствениот феномен на поривот кој припаѓа на нетелесното, безвременото – за да премине во она што е природно, што има форма. Контекстуалноста на симболот охридска пастрмка претставува изразно средство, таинствена врска за „нов еволутивен“ зачеток кој има митски или бајковити елементи. Во нив се чувствува емоционална полифонија на „видениот“ свет низ сублимирани специфични положби на охридската пастрмка кои, во длабочината на сетилата разбудуваат, поттикнуваат еротски осети и желби, а тие, во контекст ја сугерираат идејата на Масин вака да ја именува оваа изложба. Ваквите форми, положби и состојби на охридската пастрмка ја претставуваат еротизацијата како праидеја за настанување на сè; на едно платно охридска пастрмка во комбинација со грав и патлиџани ги претставува принципите на јин-јанг, на друго преку нежни, трепетни движења се трансформира во форма на женски полов орган итн. Полифониските карактеристики на овие слики (а и на начинот како е изведена оваа изложба, пред сè присуството на икрата) одат до таму, преку поставеноста во просторот, да потсетуваат на еманација на плодност и виталност, но и на природна длабокост во чиј центар се наоѓа емоционалниот простор. Во едно вакво кружење (опкружување) не е важен физичкиот синџир на постоењето во природата, туку, преку споменатите еротизирани движења на пастрмката да се најде (измисли) поврзаност, инкарнација на вечното, битството и сушноста. За тој еруптивен творечки нагон не е доволно само интервенција во природната даденост, туку активно пресвртување на стварноста како филозофско и бајковито мисловно јадро. Тоа јадро може да се сфати како снажна ликовна целина, како визија што предизвикува виталност, а и самата се нуди како еднаква помеѓу сите други можности за да се сфати сериозноста, длабочината и есенцијалноста на масиновото сликарско прашање поставено со оваа изложба. Затоа, пак се навраќаме на првичниот впечаток што го оставаат овие слики: пастрмките лебдат на белите позадини од платната како воздушест здив на еротска страст со сета нејзина исконска екстатичност. Овдека еротизацијата (како духовност) беспрекорно е нагласена, инкарнирана во едно ендемско суштество со темпераментна нарав, кое, преку оваа сликарска поетизација на Масин во потсвеста ни го дофрла прашањето: како настанал човекот од охридската пастрмка?
    

    Кога ќе ги погледнеме сликите од изложбава ќе си одговориме:
    – Ете така човекот настанал од охридската пастрмка.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+