Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 64 | година XII | јануари-февруари, 2009



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 64јануари-февруари, 2009
Проза

Нане

/1
стр. 1
Славица Гаџова

Асфалтот испарува. Чекориме јас и тој, провинцијалци од југот, по тротоарот крај една од главните улици. Од еден од џебовите на неговите широки панталони ѕирка тегличката со нане. Од она кое расте во селските дворови. Се суши, а потоа се дроби, се ситни. Се попарува со врела вода, се остава да отстои неколку минути. Чај. Топол чај. Во уште потоплото пладне. Имав стомачни грчеви утрово. Повраќав. Нането го смирува желудникот. Ова е вкусно нане. Можеш да го џвакаш и живо. И свежо. Ги мразам филтер чаевите. Нема допирна точка меѓу чајот од нане од ќесичка и овој, во тегличкава. Чекаме неколку минути пред семафорот. Црвен пешак. Татко ми се нервира и вели да поминеме на црвено. Брзо, брзо, вели. Нема ништо да биде. Јас го сопирам. Ќе те удри некој, велам. Возат со двеста на саат. Почекај го уште малку зелениот. Ќе падне тегличката. Ќе се скрши. Ќе се истури нането, стар мој, по асфалтов. Го запирам така, на секоја раскрсница. Сонцето е толку силно, и веќе не се познаваат боите на семафорот. Сакам да живеам тука. Сакам таму. Го враќаме клучот од станот што не ми се допадна. Се враќаме назад. Овој пат, нема раскрсници и семафори. Одиме по долга, бескрајно долга права улица.
    Дај ми ја тегличката, му велам. Тој срамежливо се насмевнува. Секогаш така се насмевнува. Како дете. Како дете на кое му пораснале половината од забите. Ми ја подава тегличката, трепкајќи. Гледам во неговите мали темни очи со спуштени капаци. Чоколаден поглед, со мирис на цимет и ванила. Не ги сакам деновите со желудочни тегоби. Ќе испијам врел чај во врелово попладне.
    Во малата стаклена тегличка здогледувам ситни рески со темно црвена боја. Мали, ситни, разиграни црвени пешаци. Го враќам стариот клуч на приврзокот.
    Требаше да поминеме на црвено, за нането да остане зелено, дофрлува татко ми од дневната соба.
    Најблискиот маркет се наоѓа на сто метри оттука. Во четвртата редица, на третата полица се наредени стотици вида филтер-чаеви.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+