Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 64 | година XII | јануари-февруари, 2009



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 64јануари-февруари, 2009
Галерија Осврти

Суровоста на убавината

/14
стр. 1
Соња Абаџиева

Calme
    „Water lilies – the tones are vague, lovingly nuanced as delicate as dream

    Чарлс Стаки
[34]

Уште во споменатата семинарска работа на АЛУ во Љубљана, Петковиќ се застапува за транспарентност и „бескрвност“ во делата создадени со намерно оставање на бели ненасликани делови. Пишува за достигнување на впечаток на дематеријализација. Затоа се фокусира на феномени како што се воздухот, испарувањето, чадот, маглата, облаците, правта или на транспарентноста на стаклото, зачадените прозорци на вагони и во најдобар случај на мрежи. Тие му овозможуваат да го елиминира волуменот и третата димензија за да ги постигне ефектите на проѕирност и неограниченост на просторот. „Сакам да го претставам просторот и неговата широчина за да ја претставам неговата илузија, да доловам плиток…, замислен простор… простор што го оставаат отсутните предмети… илузијата што ја предизвикуваат“, пишува авторот. Свилата ја избира како најпрефинета подлога што го нагласува впечатокот на нематеријалноста и на бескрајноста[35]. Во овој текст ја истакнува и преференцијата за цртежот, за тенката, „бестелесна“ линија која не тежнее кон виртуозност или сензационалност. Потезите треба, според него, да бидат ситни и често, во годините што следат, во првите монохромии, а потоа и во целиот циклус посветен на Моне, ги изведува со многу голема прецизност, употребувајќи чкорчиња, стапчиња и распрснувачи. Освен вибрантноста на претставата сака „да постигне мир, низ мирно и прибрано дејствување“. Сите овие постапки намерно ја избегнуваат композицијата, врската со реалноста, нарацијата. Мирот, тишината и сензациите на глетката се во непосредна блискост со ликовната методологија на Моне[36]. Сликањето на импресиите од менувањето на светлината во текот на денот, а во Лилјаните импресијата од соединувањето на небото и водата во базенот во Живерни, каде што живеел последните децении, содржат идентична привлечност. Она плус што Моне сака да го претстави во Лилјаните е чувството за исчезнувањето на хоризонтот и доловување впечаток на безграничност, како азил за мирна медитација. Поентата ја гледа во уживањето во убавината на спокојството и тишината[37]. Циклусот Според Моне на Петковиќ се создава исто така низ деликатното треперење на материјата, со слевање на боите, со минуциозна пигментација и испрекинати потези. Се разбира, неговите појдовници не се лилјаните, вистериите, водата и небото од Живерни. Напротив, неговиот мотив е во игнорирање на референтноста, во одржување виталноста и магичноста на феноменолошкото, за да остане на ниво на посакуваната нематеријалност на убавината per se – визуелното апсолутно на нештата. Многу посуштествена е релацијата меѓу Моне и Петковиќ во настојувањето да се сугерира расположение на мир и тишина. Поимот на тишината „претпоставува дека

_____________________________________

34. Charles F. Stuckey, Blossoms and Blunders: Monet and the State II, Art in America, NY, September 1979;
35. „Не сум се откажал од „убавото сликање“ затоа најдов материјали кои потсетуваат на природата. Го заменив лененото платно со свилен материјал. Свилата е глатка и блескава и сама по себе има етеричен и апстрактен ефект. Глатка е затоа што е неутрална… Бојата на таква површина станува лазурна, а како лазурна, таа е и воздушеста и повеќе просторна. Кога е затегната на рамка дава впечаток на стакло“, пишува Петковиќ понатаму во истата семинарска работа. Сакам да нагласам дека во заоставнината на авторот не сретнав масло на свила;
36. Но кај големиот импресионист зад апстрактниот впечаток на претставата стои и сериозниот проблем со нарушениот вид. Моне преживеал 20 операции на катаракта, а боледувал и од болеста xanthopsia, и во еден период сликата ја гледал или како целосно жолта или како сина. Во 1922. му пишува на пријателот Марк Елдер дека уништил неколку дела, дека е речиси слеп и дека треба да се откаже од сликањето. Макс Елдер забележал во неговото ателје… „диво касапење на слики, масакрирани дела, крвави како рани“. In: Charles F. Stuckey, opus. cit., p. 119. Можеби е малку претерано да се сведува неговата естетика на нарушениот вид, бидејќи она што го почнува Моне во младоста, не е драстично поразлично од последните дела – Лилјаните – порачани од Клемансо за Оранжеријата во Париз
37. „Considering the delicate spectacle Monet had attempted to depict-photosensitive water lilies floating on the surface of his garden pond along with the reflected images of passing clouds, the miraculous illusion of the world overhead interwoven with his feet…as if horizontal, vertical, behind, before, proximate and distant were useless concepts..:“. In; Charles F. Stuckey, opus cit. p. 121;






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+