Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 64 | година XII | јануари-февруари, 2009



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 64јануари-февруари, 2009
Галерија Осврти

Драган Петковиќ, ретроспективно

/10
стр. 1
Зоран Петровски

„Уметноста е највисоката форма на надеж“
    
Герхард Рихтер

На изложбата Шест македонски уметници отворена во Загреб во 1985 [1], која може да се земе за меѓник што го означи крајот на развојната етапа на македонскиот модернизам и го најави приклучокот кон современите постмодернистички уметнички практики, Драган Петковиќ за прв пат го претстави својот нов циклус дела Радоста на живеењето (1985/1987), насловен според истоименото дело на Анри Матис (Le bonheur de vivre) и составен од групи изразито живо и блескаво боени картони со остри рабови, сечени во форма на недефинирани, асоцијативни фигури и композиции, кои поскокнуваат во речиси див ритам насекаде по галериските ѕидови како да се одушевено понесени и водени од некој возбудлив и страстен танц. Судејќи според обележјата, како примената на цитатот, амбивалентноста меѓу фигуративниот и апстрактниот карактер на формите и нивната екстатична колористичка и просторна експресивност, овие дела на Петковиќ можеше да се одредат како блиски со некои од главните поставки што во својот силен и еуфоричен налет ги донесе постмодернистичката „Нова слика“.
    Со овој општ наслов се означуваа бројните сликарски појави, опфатени главно со поимите на „неоекспресионизмот“ и „трансавангардата“ и чиј што заеднички исход беше во идејата за враќање кон сликарството, или како што тоа го нарече американскиот критичар Томас Мекевили „враќањето на прогонетиот“[2]. По кризните 1970-ти години, кога ригидниот формализам на високиот модернизам, затворените структури на иконокластичниот минимализам и радикалното отфрлање на уметничкиот објект во концептуализмот доведоа до идеен застој и кога „се чинеше дека настапува еден нов вид културен безизлез во кој културата стремеше кон симболично самоуништување со сопствената авто – критика“[3], реакцијата на уметноста на почетокот на 1980-те години дојде најнапред преку сликарството, преку враќањето на некои од неговите потиснати вредности:

субјективноста, експресијата, нарацијата, враќањето на фигурата, декоративноста, медиумскиот и стилски пастиш, или пак чистото задоволство во чинот и во материјата на сликањето. Но притоа, својот пејзаж тоа повратничко сликарство ни од далеку не го виде во природата, туку единствено и само во самото себе, во сопствената модерна историја на уметноста и во медиумите на популарната култура. „Сакајќи да компензира за својот поранешен елитизам и пуританизам, сликарството се врати во костум од парталчиња собрани од секаде. Се врати како концептуално сликарство и најде мноштво нови начини како да го искористи медиумот.“[4]

_____________________________________

1. Šest makedonskih umjetnika: Od cudotvornosti livade do radosti zivljenja, Galerija suvremene umjetnosti, Загреб, 1985. Изложбата беше потоа прикажана и во Белград, Скопје и Кавадарци. Изложбата е значајна и по тоа што беше прв тематски или кураторски проект. Куратор на изложбата беше Соња Абаџиева, а покрај Драган Петковиќ учествуваа и Анета Светиева, Глигор Стефанов, Петре Николоски, Симон Шемов и Димитар Манев.
2. Според насловот на книгата: Thomas McEvilley, The Exile’s Return: Toward a Redefinition of Painting for the Post-Modern Era, Cambridge University Press, 1993
3. исто, 6
4. исто, 7






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+