ISSN 1409-6900 | UDK 82+7 Блесок бр. 67-68 | година XII | јули-октомври, 2009
СПОДЕЛЕТЕ:
Блесок бр. 67-68, јули-октомври, 2009
Есеи |
Степени на другоста: Фетишизирање на „Западот“
/18 стр. 1 |
Живееме во време на мултикорпорациски неоколонијализам и културна херемонија на европоцентризмот, а би можело да се каже и амероцентризмот. Постојано, и со право, се жалиме дека сме обезгласени. Дури ни причинува задоволство да се натпреваруваме во тоа кој е помаргинализиран од другите. Тогаш сосема е разбирливо зошто Хенри Луис Гејтс Џуниор се потсмева во духот на Дерида и вели нема „ништо навор од (дискурсот на) постколонијализмот“, а Слемон додава „секој дискурс мора да биде ништо друго освен колонијален дискурс сам по себе“ (Slemon 1995,51).
Но дали ние не дискриминираме повеќе од привилегираните? Дали очекуваме дека ќе бидеме обесправени по секоја цена, и можеби, во извесна смисла, се надеваме дека ќе биде така за да заспиваме навечер со чиста совест. Зарем не е избезумително да се биде рамноправен, еднаков, ист, втопен, незабележлив? Што правиме кога никој веќе нема да не смета за странци? Што ако и самите престанеме да се сметаме за странци на себеси?
Ова сценарио како од ноќна мора укажува на фактот дека „Западот“ постои исто толку поради потребата на „Истокот“ да се диференцира од него, колку и од неоимперијалистичкото и насилно самодефинирање. Позицијата на аутсајдер е исто толку комфорна како и елитната позиција, во извесна смисла и помоќна (од аспект на субверзивноста).
Додека прашуваме можат ли привилегираните народи да ја читаат маргинализираната литература и култура без предрасуди (кога воопшто ја читаат), би можеле да се запрашаме обратно, можат ли потчинетите субјекти да ја читаат доминантната литература и култура без предрасуди (колку често и да ја читаат).
Другоста се раѓа при средбата (со друга личност или со себе). Таа започнува со воочувањето на разликата, на другото кое буди бинарност. Тоа друго, вели Кристева, „го носи знакот на преминат праг“, се доживува како „дополнување“ на себеси и ја осакатува добросостојбата на единката (2005,238). Секое дополнување ни кажува дека не сме доволни, не сме комплетни и совршени.
„Музејот“ е расказ за средбата на две другости и претставува одличен коментар за тоа како постколонијалните нации го гледаат „Западот“ и како замислуваат дека тој ги гледа нив. Овој расказ, кој на Лејла Абулела (Leila Aboulela) ѝ ја донесе наградата Кејн за африканска книжевност во 2000, зборува за една Суданка
![]() |
1. Милорад Павиќ 1990 Предео сликан чајем Земун, Драганиќ. (124) Сите преводи од српски и англиски јазик се мои, доколку не е назначено поинаку.
2. Кристева (2005,308).
на постдипломски студии по математика која одбива да се вљуби во Шкотланѓанец интелектуалец од пониска класа делумно поради тоа што е ветена за богат наследник во Судан, но и од многу други причини. Тие други причини се она што таа ќе го разбуди при средбата со другиот.
Другото сме научени да го препознаваме уште пред да го именуваме. А кога ќе го именуваме воедно и го интерпелираме како друго. Шадја, главниот женски лик, кога првпат е именувана од Брајан, главниот машки лик, е погрешно именувана како Шадија. Оваа навидум едноставна грешка во изговорот, посочува како во туѓа земја името и идентитетот што ѝ го дале родителите (а Шадја значи образувана) лесно се субвертира. Секако ова тој не го прави намерно: неговата култура го прави за него. Вината лежи во Шадја која, иако забележува дека тој греши, упорно не сака да му каже како се изговара нејзиното име и кој е нејзиниот идентитет, или барем кој е идентитетот на кој се одsива дома. Во туѓина, скоро и не е битно на кое име се одsиваш, секогаш си препознаен како чуден. Но, се чини дека таа ја користи својата чудност да го заштити својот разорен идентитет, ставен под прашање со самото напуштање на домот.
И самиот Брајан има, ако не алтернативен изговор, тогаш алтернативна пишана форма (на англиски Bryan, а не почестото Brian). Кај него таа е индикатор на инаквоста. За да биде уште понагласена иронијата и нашата немоќ во туѓиот јазик, името на авторката е Лејла (а можеби и неточен изговор за Лила) Абулела. Кога би отишле подалеку би се почудиле и за акцентот со кој треба да се изговори и дали со меко, средно или тврдо „л“. Меѓутоа не е единствено јазикот тоа што не прави различни.
Другостите не се исти, туку со различен интензитет, повеќекратни и ситуациски. Некои другости ги отпишуваме веднаш, без да им дадеме шанса (ги абјектираме). На некои, пак, сме подготвени да им прогледаме низ прсти. Кои се подносливите другости веројатно зависи од тоа до кој степен се различни и колку го компромитираат нашето себство.
1. Видлива другост
Не е тешко да се препознае туѓото. Тоа е првата констатација што ќе ја направат нашите сетила. Уште со првата реченица дознаваме дека Шадја се плашела од Брајан поради неговата обетка и долгата коса. Другоста, нормално, започнува од погледот. За една традиционално одгледана муслиманка, непојмливо е еден маж да се идентификува со вакви атрибути. Кај Брајан тие
![]() | ![]() |
се знак на револт поради неудобната вдоменост во неговата култура и потребата од бегство, но за неа се насилство и напад за нејзиниот интегритет и нејзината култура. Сосема е природно, тогаш, да ги отпише како дел од „чудноста на Западот“[3] (Aboulela 2001,99)[4], од другата култура, која исто така ја перципира како нешто туѓо. Една од првите дефиниции за таа друга култура ѝ се студот и дождот кои ја злоставуваат нејзината коса вртејќи ја во кадрици. Не може да ја носи спуштена и дива како дома, туку мора да ја дисциплинира со гелови и шноли и да ја врзува.
Нејзина среќа, или несреќа, е што Брајановата туѓост е флексибилна. Во еден неконтролиран момент на искреност таа ќе го натера да ја извади обетката и да ја скрати косата. Помислува да му каже да стави и сок од лимон на пегите, но се воздржува. Од друга страна, во Судан, неа ја чека брак со една поинаква другост. Фарид, нејзиниот свршеник, е предебел за нејзиниот вкус. Тој е запознаен со ова, но не ни помислува да ја загрози својата удобност и превкусната храна што ја готви мајка му заради љубовта кон неа.
Би се очекувало сега и Шадја да треба да направи некоја отстапка во однос на својот изглед, но никој не го бара тоа од неа. Односно, тие двајца не бараат. Конзумерската империјалистичка култура скоро инсистира на тоа, иако суптилно, преку небаре невини репрезентации. Првиот спомен од Африка кој е споделен со нас е за русокосата кукличка и како „со часови ја чешлаше косата на таа кукличка и ја галеше. Копнееше по таква права коса. Кога ќе оди во Рајот ќе има таква коса“. (99)
Шадја е болно свесна за визуелниот аспект на другоста. „На фотографија не би изгледале добро заедно“, (116) ќе помисли таа за себе и за Брајан. Но заборава дека таа фотографија ќе биде подеднакво идеолошки одредена од нејзините предрасуди како што фотографиите во музејот што двајцата ќе го посетат се фокализирани низ колонизаторската идеологија на првите истражувачи на Африка.
2. Културна и религиска другост
„Мојот простор… [е] нешто што човек едноставно го учи од други луѓе“, вели Спивак. (2003,187) Тој дискурзивен простор не е само просторот кој те издвојува туку и оној што го делиш со другите од твојата култура. Шадја секако ги носи културните кодови и предрасудите на своите родители. Тие се активираат уште повеќе надвор од дома.
Она што нивната зедница ја разликува од британската, меѓу другото,
![]() | ![]() |
3. Шадја заборава дека обетката и долгата коса се дел од „чудноста“ и на Истокот. Во многу земји во Африка мажите носат обетки, а во делови од Индија тие се сметаат за заштита од зло. Долгата коса пак има исто толку долга традиција во Кина.
4. Референциите на цитатите од расказот од сега ќе бидат само со бројот на страницата.
е гостопримството и строго кодифицираните правила на добро однесување. Смешен пример имаме во телефонскиот разговор со Фарид при кој треба да следат строги правила: да се слуша одредено време, па да се зборува исто толку долго. Оваа учтивост понекогаш се граничи со лицемерство, како кога мајка ѝ ѝ трие сапун во очите на погребот на таткото на Фарид за да изгледа дека го жали, а треба да се радува што сега Фаред и, преку него, и таа е наследник на сето богатство што свекорот го оставил зад себе.
Во однос на нејзините културни стандарди Брајан е „целосно невоспитан“ (101): во ист клас се а понекогаш ја поздравува, понекогаш не; не седи убаво на столче; фрла хартија во корпата за ѓубре од место; мрмори; и списокот е скоро бесконечен и не без доза на потсмев од страна на Абулела.
Покрај неучтивоста и „познатата британска резервираност“ на која ја предупредуваат упатствата за интернационални студенти (101), туѓата земја е секогаш извор на „сензационални“ (103) работи за кои може да ѝ пишува на сестра си: како на огледалото во тоалетот некој испишал ХИВ со кармин, како паѓа град, како се вози на лево и слично. Дури и реториката на расказот е предодредена и инспирирана од културната разлика. „Вината беше ладна како маглата на овој град“ (103) – ќе каже нараторот кога Шадја се плаши дека нема да ги положи испитите затоа што не го разбира тоа што го учат.
Културните разлики што ни ги прикажува Абулела треба да се заемат со претпазливост затоа што се филтрирани низ призмата на една хероина за која ни е кажано дека никогаш не другарува со домашните студенти, а за викенд не излегува и не зборува со никого. Пред да го запознае Брајан таа комуницира единствено со студенти од „Третиот свет“. Каква слика, тогаш, моше да ни понуди за Британците, а таа да не биде, во најмала рака, површинска и плитка, детерминирана од предрасудите на нејзината култура?
Најдетерминирачкиот дел од таа култура, и дури и априорна на таа култура, според Абулела, е религијата[5].
Овде, на странска земја, религијата на напуштените претци [sic] е поставена во една суштинска чистотија и тие се замислуваат дека ја негуваат подобро од родителите кои останале „таму дома“… Фундаменталистите се пофундаментални кога ги губат сите материјални врски, измислувајќи едно „ние“ кое е чиста симболика; во недостаток на почва тоа се вкоренува во ритуалот дури не ја постигне својата суштина, а таа е жртвата. (Кристева 2005,262)
Шадја станува порелигиозна на
![]() | ![]() |
5. Абулела религијата ја гледа „како многу приватна и лична работа“ и вели, „можам да ја носам со себе каде и да одам, додека другите работи можат лесно да ми бидат одземени“ (цитирана во Sethi 2005). Истовремено, за неа религијата е нешто универзално, што ги надминува индивидуалните и културните разлики, нешто „надвор од политичкото“. (Aboulela 2007) Религијата за неа, значи, е нешто пред политичкото, пред културното и пред индивидуалното, што ќе каже дека таа се смета за најмногу одредена од својата религија.
туѓо тло. На Брајан му признава дека порано си спиела наутро кога ќе го чуела гласот на оџата; сега кога не може да го слушне, се моли секој ден. Едно утро заборава да се помоли и се чувствува како да шета гола по улиците. Нејзиниот нов религиозен пуританизам го изненадува и Фарид. Кога по телефон го предупредува да не купува златен капак за тоалетот затоа што ќе ги казни Алах, тој ја потсетува дека капакот ќе биде само со златна боја и воопшто не се предомислува. „Од кога пак си станала толку религиозна!“ извикува тој (114). Она што не може го забележи, е дека Шадја станува порелигиозна откако го запознава Брајан. Причина се, најверојатно, чувството на вина што го изневерува Фарид и фамилијата (иако само платонски), и потребата да се присили себеси да го гледа Брајан како друг.
Според Спивак религијата дозволува да се креира „веднаш достапен „друг“, без да се заплетк[аме] во проблемите на расизмот или експлоатацијата“ (2003,115). Религијата на овој начин ја ползува и Шадја. Како давеник за сламка се фаќа за она што смета дека нему ќе му биде најтуѓо. Може само да се замисли нејзиниот страв кога тој ѝ кажува дека учел за нејзината религија на училиште и патувал до Мека! Какво пак само олеснување чувствуваме во нејзиното „О“, откако дознава дека тоа било само „Во книга“. Го прашува во што верува и изненадена кога ќе каже дека не верува му вели: „Тоа е ужасно! Тоа е навистина ужасно!“ (112).
Наместо типична средба на доминантна и потчинета култура и омаловажување, кои сме извежбани да ги очекуваме во вакви моменти, го имаме обратното. Шадја е таа која не е подготвена да ја прифати Брајановата другост. За да се одбрани од сиве овие неочекувани изјави додека пијат кафе станува и, на заминување, подбивно му сугерира да ја прифати нејзината вера. И повторно удар: Брајан вели не би му пречело, затоа што му се допаднала книгата, а нејзе ѝ се насолзуваат очите. И ќе заплаче само уште еднаш, во музејот на Африка во Aбердин[6], каде ќе одат по желба на Брајан.
Шадја влегува во музејот со него и како да влегува во сржта на европоцентризмот. Очекува внатре да види сонце, бродови на Нил и минариња. Ја дочекува студен контраст: Африка припитомена од првите колонизатори и доволно безбедна да се смести во музеј или во било која енциклопедија на колонијализмот. Со други зборови, апстрахирана визура и конструкт што само ја велича храброста на
![]() | ![]() |
6. Музејот Маришал (The Marischal Museum) не е целосно посветен на Африка. Виртуелна тура на колекцијата која вклучува експонати од Африка е достапна на http://www.abdn.ac.uk/virtualmuseum/index.php?page=southgallery
првите „истражувачи“ што освоиле непознат континент.
„Не постои … колективно сеќавање … Но, има колективно подучување“ тврди Сузан Сонтаг. Сеќавањето е локално и индивидуално и исчезнува кога ќе ги снема индивидуите што помнат. Од друга страна, „колективно[то] сеќавање не е помнење туку договор“ (2006,87,89). Секако дека една нација ќе ги фаворизира своите колективни мемории и ќе ги изложи во музеј само оние слики што ги подржуваат, и, нормално, конструираат тие мемории; па така и овој музеј на Африка го претпочита херојството на истражувачите како подтекст, пред страдањето на домородците. И пак Сонтаг ќе потсети: „Посетата на музеј или галерија е социјална активност … Музеите еволуираа во многу повеќе од … разонода [и] магацин … Основната функција на музејот е забава и образование … како и рекламирање на искуствата, вкусовите и симулакрумите“. (121)
И нашиот херој е однапред детерминиран и фиксиран од својата култура, образование и вкус. Во музејот тој студиозно чита сè и ги декодира пораките на својата култура. Тие му говорат дека империјалистите биле херои кои сакале да побегнат од дома. Овој вториот дел кажува колку тој не може да ги одмине и своите лични искуства и предрасуди – ги гледа тие ликови од минатото како што би сакал да се види себеси, како луѓе што успеале да побегнат од дома.
За оваа посета Џејсон Коули тврди дека „заинтригиран од нејзината егзотична разлика, [Брајан] не успева да забележи … дека, за Шадја, Абердин има свој сопствен збунувачки егзотизам“ (Cowley, 2000). И Шадја има создадено своја апстрахирана визија за Шкотска (по нејзин вкус, се разбира – студена, дискриминирачка и невоспитана, меѓу останатото). Но, Брајановата слепост е почетничка заблуда. Кога ќе ја види расплакана тој е подготвен да се смени.
Тој рече, „Музеите се менуваат; јас можам да се сменам …“
Не знаеше дека тоа е стрмен пат за кој таа немаше сили. Не разбираше. Многу работи, години и пејзажи, бездни. Да беше силна ќе објаснеше и не ќе се умореше од објаснување. Трпеливо ќе го научеше на друг јазик, букви извиткани како ипсилон и гама што тој ги знаеше од математика. Ќе му покажеше дека зборовите можат да се читаат од десно на лево. Да не беше мала во музејот, да беше навистина силна, ќе го направеше неговиот пат до Мека реален, не само во книга. (2001, 119)
Само делумно ќе се сложам со Брендан Смит дека „ таа и Брајан се жртви на погрешното претставување (misrepresentation) на нејзината култура“ во музејот. (Smyth 2007,171)
![]() | ![]() |
Сметам сепак дека се подеднакви жртви и на нејзината тврдоглава потреба да го заштити својот интегритет и на нејзините погрешни претстави за неговата култура. И самата Абулела изјавува „таа е оној што е немоќен или неподготвен да биде каталист за [неговата] промена“.(2007) Музејот од насловот на расказот е музејот кој го посетуваат, но и виртуелниот музеј што таа го има изградено за „Првиот свет“ во себе.
За среќа, ако таа не прифаќа и нема сили, тогаш нараторот, и Абулела со него, оставаат една можност, едно „да“ или „ако“, кое би можело да се исполни во друг случај и во поинакви околности.
3. Образовна другост
Првата алузија на западното образование се „белите чкртаници“ на таблата што Шадја не ги разбира. Само математичките ознаки ѝ се познати, но не разбира како формулите водат една до друга и не разбира скоро ништо од тоа што го учат (99). Навистина математиката за некој неупатен изгледа нереално, како хиероглифи – исто како што на неупатените им изгледа арапското писмо. Проблемот сепак е што Шадја не е неупатена, таа само не е упатена во европоцентричната математика.
Горнава формулација звучи неубедлива поради предрасудите кои ги имаме за универзалноста на математичкиот јазик, како апстрактен и ослободен од контекст, но Алан Џ. Бишоп потсетува дека „[м]атематичките идеи, како и секои други идеи, се човечки исконструирани“ и „имаат културна историја“ (Bishop 1995,72). Тој оди понатаму и вели дека иако многу народи придонеле за развој на математиката, оправдано е да зборуваме за една „западна математика“ бидејќи западноевропската култура е таа која ја прошири како едно од „тајните оружја“ за „културна инвазија“ и „продолжување на културниот империјализам“. Не само што ги наметна симболите и концептите преку трговијата, администрацијата и образованието, туку и самите вредности имплицитни во тие симболи и концепти: западните вредности на рационализам, објектизам, моќ и контрола[7]. А учениците кои се подвотвуваа за високо образование во европските центри беа „од-образувани од својата култура и од своето општество“ и подложени на „намерна стратегија на акултурација“. (73-76)
Абулела се чини дека ја има оваа акултурација на ум кога си поигрува со математичките алузии во расказот. Линеарни модели е првиот час по статистика кој ни е именуван, и е симбол на линеарноста на „западната“ рационална и патријархална култура. Линеарноста присуствува и во европоцентричната писменост. Во својата интересна студија за културното фиксирање што го прават професорите по англиски јазик, Алестер Пеникук посочува дека студентите се „фиксирани и дефинирани и детерминирани од нивните култури“. Исконструиран е и начинот како се однесуваат:
![]() | ![]() |
7. Бишоп укажува колку се поразителни овие вредности за културите како Навахо каде се верува дека феномените се во постојан флукс и не можат да се изолираат и некои африкански култури за кои предметите се неспознајни. (72,74)
пишуваат циклично, само го меморизираат материјалот, премногу цитираат, тргнуваат од погрешни премиси и не можат да го одбранат својот став. (1998, 187-189) Имено, професорите по англиски јазик имаат фиксирани очекувања за студентите зависно од нивното потекло и пред воопшто да го проверат нивното знаење. А тие очекувања во поглед на студентите од „Третиот свет“ се дека не ја следат линеарната западна логика. Ако ова важи за професорите по странски јазик, не гледам зошто не би важело и за професорите по математика.
Брајан се чувствува удобно во културната хегемонија на европоцентричната математика. Тој дипломирал со највисок просек на истиот факултет, лесно ги следи предавањата од постдипломски студии и на добар пат е да земе одликување за највисок просек. Ги знае и професорите и системот толку добро што може да си дозволи да ги третира професорите како еднакви и да не им се обраќа со почит (повторно потсетување на културната разлика со построгото образование во Африка, барем од времето кога Абулела учела таму[8]). Наспроти него, Шадја е исфрустрирана затоа што се губи по ходниците, тешко управува со машината за фотокопирање, не успева во библиотеката да ги пронајде книгите што ѝ требаат, не пишува читко како Брајан и дури му ја замачкува тетратката со солзи. На моменти би можела да не убеди и нас и себеси дека сето ова е мерило за имање или немање математичко знаење.
„Ние и тие, помисли таа. Оние што ќе покажат успех, оние што ќе ползат и ќе се препотуваат и едвај ќе поминат. Две преддетерминирани групи“ (100). Во извесна смила Шадја е во право, на првите им е својствена и разбирлива европоцентричната математика. Сепак, има иронија во фактот што таа успешна група ни е претставена од само двајца Европјани што отскокнуваат од целиот клас: една девојка од Шпанија, која повторно е странец, и еден сиромашен Шкот, кој е странец од аспект на класата.
Впрочем, Шадја и самата се побива. Подоцна дознаваме дека „неговите забелешки беа знаењето што ѝ требаше, дупките“, (106) во математиката, но и во неговата култура исто така. Кога ќе се ги пополни и ќе се здобие со знаење, таа веќе не се смета за потчинета. Напротив, станува дрска кон Брајан. Се чини никогаш нема да го надмине инхерентното (и можеби реакциско и безбедно) чувство за супериорност.[9]
4. Класна другост
Ако Шадја е странецот и непривилегираниот лик во поглед на нејзиното потекло и пол, тогаш Брајан е маргината од аспект на класниот статус. Ова го
![]() | ![]() |
8. Инаку, и Абулела учела статистика на постдипломски студии меѓутоа во Лондон.
9. Интересно е како малите и потчинети индивидуи (па и нации) секогаш имаат потреба од митови за ситни, но итри карактери, од типот на македонскиот Итар Пејо, кои ќе ѝ пркосат на тиранијата. Ова е еден вид бегство од империјалистичка власт за тие што не се доволно силни да се ослободат себеси. Постои огромна сатисфакција, во најмала рака, во идејата дека сте далеку попаметни од својот опонент (па биле тоа Отоманци, Грци или „глупави“ Американци). И како тука да не се помисли на кисело грозје и сладок лимон?
насетуваме уште на првите страници. Ни се соопштува дека секогаш носи иста кошула, факт којшто Шадја го забележува компулзивно, како постојано да има потреба да се потсетува на тоа. Додека ова за неа не е, сè уште, алармантен знак, неговиот лош англиски изговор[10] е доволен сигнал за ниската класа. Самата таа не испушта да прокоментира дека има подобар изговор од него. Дури при крај ќе дознаеме дека, навистина, неговите родители се сиромашни. Мајка му продава лижавчиња; татко му работи како столар. А, нараторот ни кажува, „Фарид најмуваше луѓе како нив да му работат во куќата. Им издаваше наредби“. (109)
За разлика од него Шадја е дете на познат гинеколог. Тој земал втора жена, но мајка ѝ имала доволно луксузна позиција, како за жена во муслиманско општество, да одлучи да го остави и сама да одгледа шест ќерки, сите со угледни професии и познати во градот. За да ги обезбеди уште повеќе, ги омажила за ценети личности од локалната елита, а Шадја ја свршила за Фарид, син на сопственик на претставништво на 7Up и на фабрика за хартии со монопол за тоалетни марамчиња.
Хуморот на Абулела е суптилен, а воедно болно свесен за реалноста. Иако мајката на Фарид и неговите сестри одат во брачниот пакет со фабриките и големата новоизградена куќа, во истиот пакет одат и постдипломските студии за Шадја. Мајка ѝ е сосема свесна за нејзината загрозена социјална позиција па ја предупредува дека треба да го има образованието како противтежа и покритие за богатството што ќе го добие од сопругот.
Да ја оставиме свеста за сиромаштијата која го очекува семејството на Шадја (доколку не манипулира внимателно) настрана, и да се сконцентрираме на фактот дека таа е припадничка на локалната елита, а е исто така привилегирана и во поглед на многу други емигранти или тие што привремено претстојуваат во Шкотска. Како што вели Ахмад
Повеќето индивидуи навистина не се слободни да се преоформуваат себеси со секој нов ден … само привилегираните можат да живеат во постојана мобилност и вишок од задоволство … Повеќето мигранти се воглавно сиромашни и ја искусуваат раселеноста не како културно изобилство туку како измачување. (Ahmad 1997,373)
Во „студената“ Шкотска таа не мора да заработува за да ги отплати постдипломските студии. Место тоа, може да ужива и да се потсетува на базенот во клубот во кој редовно одела со сестрите и пиеле лимонади служени од слуги во бело. Да не ја споменуваме, пак, свршувачката со Фарид во Хилтон, со петстотини гости.
![]() | ![]() |
10. Во Обединетото Кралство се вели дека класата на човекот се препознава штом ќе ја отвори устата. Нивните дијалекти се повеќе класно засновани отколку географски.
Нејзиниот дискурс е далеку од дисквалификуван и премолчан. Едни од вистинските субалтерни во овој расказ се веројатно келнерите што служат на базените или работниците што Фарид ги вртка како сака и родителите на Брајан. „Во Картум, [Шадја] никогаш не се мешаше со луѓе како нив.“ (106)
Дури и вака обезбедена, таа пак размислува за својата економска состојба. Свесна е дека троши многу пари за студиите и грижливо пресметува колку потрошила, кога дома само „стерлингот[11] [е] доволен да одржува едно семејство во живот“. (103) Во Картум, дознаваме, му „допуштала“ на Фарид да ги плаќа нејзините сметки, а парите си ги собирала за да купи подароци за мајка ѝ. И Фарид е загрижен за своите пари иако ги има на претек. Мошне е економичен со стедствата кога ја гради новата куќа и сака сите бањи да бидат исфарбани во иста боја за да добие попуст. Иглтон добро забележува:
Конечно не се прашањата за јазикот, бојата на кожата или идентитетот, туку на цените на производите, суровините, пазарите на трудот, воените сојузи и политичките сили, тие што ги обликуваат односите меѓу богатите и сиромашните нации (1996, 205)[12]
Би додала и односите меѓу богатите и сиромашните луѓе. Постмодернизмот (Лиотар на пример) зборува за крајот на сите метанарации, но, како што ќе каже Ахмад, „онаа најмета- од сите нарации во изминатите три векови, постепената анексација на планетава заради доминацијата на капиталот … наиде на … зачудувачки успех“ (1997,364) Штом е така, тогаш Шадја е една од тие што профитираат од доминацијата на капиталот. Богатството (фабриките на Фарид) е тоа што ќе ја еманципира во елита, не знаењето и никако Брајан.
Конечно, се поставува прашањето дали Шадја ќе го отфрлеше Брајан доколку тој беше богат припадник на Првиот свет, со кралски англиски акцент, и, да речеме, вила во Шпанија и Ролс Ројс како противтежа на огромната куќа што ја гради Фарид и неговиот Мерцедес. Дали таа дискриминира повеќе врз основа на класата отколку колонијализмот? Веројатно да. Абулела самата вели „заштитата е женско право од исламска гледна точка“ (2007) и оттука следи дека е нормално Шадја да бара економски заштитен живот. Но, тогаш, богатиот Брајан ќе беше помала закана за нејзиниот идентитет и помалку интересен за нас.
5. Полова другост
„‘Женскоста’ е исто толку важно дискурзивно поле … како и ‘религијата’“. (Спивак 2003,89) Исто така и религијата има важен удел во дисперзија на концептот женскост. Ако ѝ веруваме на Абулела, тогаш ќе прифатиме дека жената „во суданската/африканската/арапската култура, се смета за
![]() | ![]() |
11. Една британска фунта
12. Во македонското издание на книгата недостасува поговорот од кој е земен овој цитат и затоа преводот е мој.
поатрактивна ако е тивка, зборува меко, не е тврдоглава, не е себична, не е нападна, и листата продолжува!“ (2007)
Дел од ова мислење е одразен и во воспитувањето на Шадја. Таа си ги знае правилата. „Не беше тешко да се задоволат луѓето. Секогаш се согласувај, никогаш не доминирај со разговорот и биди економична со вистината“. (111) Дома е далеку помаргинализирана отколку во Шкотска. Фарид, навистина редовно се јавува да ја праша за совети како да ја уреди новата куќа, меѓутоа тој секогаш „се договара“ со неа откако веќе одлучил. И кога таа нема да се согласи, тој пак си ги уважува своите одлуки повеќе. Ниту пак е заинтересиран за нејзиното знаење, но се смета себеси за модерен и „либерален“ поради тоа што ѝ дозволува да замине на студии во странство.
Еден посериозен аспект на женскоста во Судан е она што Сисли Хамилтон го нарекува „бракот како задолжителна трговија на жената, церемонија која го одбележува нивниот влез како сопруги и подоцна мајки во сексуалната економија на патријархалното општество“ (во Whitlock 1995, 351). Дознаваме дека
Фарид дојде во пакет со претставништвото на 7Up, фабриката за хартии, големат куќа што ја градеше, неговите сестри и мајката вдовица. Шадија ќе се омажи со сите нив. Ќе биде среќна и ќе ја направи среќна мајка ѝ. Мајка ѝ заслужуваше среќа после несреќите од нејзиниот живот.
Во овој случај иницијатор на Шадја во економијата со женското производство и пропагатор на патријархалноста е самољубива и себична мајка која се однесува како дете и постојано се себевиктимизира. „Никој не страда како што страдам јас“, се сожалува таа. (105) Шадја и сестрите го живеат сонот на мајка им: затоа што таа не завршила училиште, сите тие мора да се високо образовани.
Скришно, таа го посетува татка си и е фасцинирана од неговата дивост и од маќеата која има помалку гржи од нејзината мајка. Со секое приближување до Брајан таа се оддалечува од силното влијание на мајка ѝ и се поистоветува со предавникот во фамилијата, егзилантот, номадот – таткото кој избегал. Потсвесно постојано размислува за другиот родител. Кога влегува во музејот на Африка очекува да види тоа што ѝ фали од дома, а меѓу набројаните работи се „ [л]уѓе како татко ѝ“.
6. Дијаспорична другост
Дерида вели „она што е својствено за некоја култура, е тоа да не биде идентична на себеси … да може да добие облик на субјект единствено … во разликата со себеси“ (2001, 15). А таа разлика е најопиплива
![]() | ![]() |
за нашата хероина сега кога е релоцирана на културно туѓо тло. Проблемот е што таа е дислоцирана и од генеричната култура. Осудена е, како што би кажал Дерида, на вечен „двоен генитив“. (16)
Оддомувањето е трауматичен настан. Дислоциорани од еден колектив, интернационалните студенти во расказот бараат заштита во друга група. Секогаш се заедно, секогаш се „колекција“, „колективен страв“ и „колективна тишина“, а Нигериецот кој се самоубил е „брат“. Си се држат едни до други како групата да ќе ги заштити и ќе им даде чувство на припадност. Со своето однесување и тивко шепотење и кикотење потсетуваат на средношколски тинејџери, несигурни во својот идентитет, кои претпочитаат да се идентификуваат како група затоа што така нема да бидат загрозени.
Колку е само смешен фактот што истиве овие луѓе, за кои Шадја толку цврсто се држи, пред да се зближи со Брајан, подоцна и самата ги избегнува. Лесно е, во поинакви услови, дома или на сигурно, истите овие луѓе да се сметаат за натрапници. Со Асафа, иако е од соседна земја, се пресреќни што се запознаваат во Шкотска, но дома би можеле да бидат непријатели[13].
Вербата во дома исто така е лажна. И да се вратат дома времето нема да ги чека, „ги очекува шок бидејќи нивните земји веќе се придвижиле напред“, нè предупредува Абулела. Таа си признава: „против тоа се борам … не сакам да бидам носталгична за минатото“. (цитирана во Sethi 2005) Лиминалните дијаспорични други не припаѓаат никаде. Тие се самци кои не се свесни дека се општожители, кажано со зборовите на Милорад Павиќ.
Пријатели на странецот … можат да бидат само оние што се чувствуваат туѓи на себеси“. (Кристева 2005,261) Шадја, „циничниот странец“, уште повеќе има потреба од друштвото на Брајан, „странецот верник“, но „не очекува ништо“ од тоа друштво. (247) Тоа друштво премногу ја компромитира.
7. Другост во себе
„Човек станува странец во друга земја затоа што веќе станал странец во себеси“. (Кристева 2005, 251) Брајан е тој што ја расчепкува туѓоста во Шадја и си игра со линијата што ја зацртала за да се ограничи од другите. Ограничувањето значи не само исфрлање на другите туку и исфрлање на дел од себе. Кога тој ќе прошета по нејзините граници ја остава со чувство на меѓупросторност, со свест дека треба да ги прошири границите или уште да скратува.
За да прифати дел од она што го абјектирала[14] цел живот, треба да си признае, меѓу другото, дека не го сака Фарид, дека
![]() | ![]() |
13. Спивак интересно ги прекорува Американците со африканско потекло кога вели „Дијаспорични Црнци созда[ваат] одреден вид идиом на отпор, но [во] Третиот свет во целост… нема да бид[ат] во можност да се сведат на Црнци против Белци, има исто така Црнци против Црнци, па Кафеави против Кафеави итн. (2003, 182) Па, впрочем, Дарфур е доволен денешен пример за тоа.
14. „И пред да наликувам, „Јас“не сум, но навистина одвојувам, отфрлам, аб-јектирам“. (Кристева 2005,221)
мајка ѝ ја угнетува, дека татко ѝ ги напуштил затоа што имал причина и дека Судан не е доволно широк за неа.
Дел од тоа, пак, што треба да го скрати претставува сличноста со Брајан. Двајцата се тивки, срамежливи и не зборуваат премногу. Го делат интересот за математиката, а би можеле да го делат и тој за религијата. Брајан е подготвен е да ја прифати муслиманската вероисповест и да биде длабоко религиозен. Фарид, од друга страна, не е многу религиозен. Сама со Брајан кога пијат кафе се чувствува пријатно, со Фарид и во ретките случаи кога нема придружба, си замислува дека до неа се мајка ѝ или сестрите.
И двајцата, исто така, не се вклопуваат во идентитетите во кои ги фиксираат сликите во музејот. Брајан нема цел и силина во погледот а Шадја е „премодерна, преполна со математика“ (116). Во извесна смисла, тие не се репрезентативни за нивните културни идеологии.
Постои потреба да се втемели другоста, да се позиционира, затвори и изолира од себе. Да не буди премногу интринсичен страв, но да ни дозволи да се чувствуваме загрозени и да се насладуваме во ова тајно доживување. Задоволство и трепет и моќ во едно. Другоста е посилна од нас, колку и да мислиме дека може да ја контролираме. Ни ја негира удобноста. И со неа и без неа не можеме да сме мирни.
Постои лесен излез од оваа ситуација. Елизабета Шелева подбивно вели: „Ќе умрам или ќе ги сметам за одбивни сите оние, кои не спаѓаат во моето (приватизирано) доживување на саморазликата.“ (2005, 124-125)
1. Конструкција на „Западот“
Лазарус говори за исконструираноста на поимот „Запад“. Истиот „нема кохерентен или кредибилен референт [туку] е идеолошка категорија која парадира како географска“ и служи „ за да специфицира една општествена моќ“ но исто така и да „ја мистифицира“ бидејќи „не упатува ниту на државно уредување ниту на држава … туку на „цивилизација““. (2002,44) Тој предлага да го конкретизираме тој „Запад“ како капитализам или европоцентричност. И навистина, „Западот“ ни служи како добра кратенка на која можеме да ги исфрламе сите фрустрации од нашата обесправеност, но со таа генерализација често забораваме кон кого треба да го насочиме гневот: кон капитализмот, европоцентризмот, но и кон неоколонијализмот, патријархатот, расизмот, религиозниот фанатизам, хомофобијата и слично. Изборот зависи од ситуацијата и од тоа кој е маргинализираниот.
Колонијализмот „секогаш функционира паралелно со други структури“ и треба да се повикуваме на него „претпазливо и со ограничувања“, „не е [со зборовите на Хјулм] едноставно „орден на заслуги“
![]() | ![]() |
што може да се носи по желба “ (Loomba 1998, 18-19) и „не е само нешто што се случува однадвор“ туку “може да се дуплицира одвнатре“ (12) На пример во односот маж-жена или висока-ниска класа.
И Шадја запаѓа во овие дискурзивни замки, свесно или не. Неа искуството ја научило на гнев против „Западот“ и таа него го идентификува со географијата на тој поим. Тоа што таа го подруготнува како „Запад“ веројатно има најмногу заеднички точки со капитализмот и постколонијализмот. Капитализмот го препознава од своето искуство во Судан како нешто што доаѓа од надвор: Бурда и други скапи странски магазини, 7 Up, Листерин средство за плакнење на устата, компјутери, авта и мебел од странство. За колонијализмот има слушнато од другите: во приказните за британската власт во Судан[15]. Постколонијализмот е нешто што реално го искусува. Нејзина грешка претставува тоа што својата маргинализација ја припишува на секој западен жител. Дири и на еден таков „не-играч“ каков што е Брајан[16].
Во музејот е соочена со канонската слика на Африка, нејзина редукција на минатото и на слики со диви животни. Прикажани се и освојувачите, но во нивната канонската слика не се вклучени убиените шкотски борци за слобода против Англичаните. Би можело да се одговори дека ова е музеј на Африка и во него нема само Шкоти туку, општо Британци освојувачи. Тогаш, и Британија е сведена на стереотип – во музејот не се прикажани сиромашни работници како родителите на Брајан. Репрезентациите во музејот, сепак, се начин на кој Британија сама си се претставува а Африка е таму само за да биде гледана низ зеницата на Британија.
Во расказов и Британија е гледана. Кога дознаваат за разбиениот прозорец на Малезијците, Шадја ќе праша, понормално, дали тоа биле крадци, меѓутоа Турчинката ќе рече: „Расисти“. А и Шадја дискриминира. Место да сфати дека Брајан е збунет кога му приоѓа првпат затоа што е срамежлив или вљубен или фатен неподготвен или едноставно изненаден, таа саркастично ќе си помисли да не очекувал дека е инсект.
Во вакви моменти „самиот проектор на другоста себеси се гледа и се поставува предимно во улогата на (недолжна) жртва“ „претворен во своевиден фетиш на страдањето“ (Шелева 2005,115) Зарем не го приморуваме „Западот“ да се приспособи на нашите очекувања и ни олеснува кога го прави тоа, а нè разочарува кога е обратно. Помамно и практично е да се има типичен Запад.
Брајан не таков каков што е, туку каков што го конструира самата. Дали е тој виновен за тоа? Можеби премногу лесно
![]() | ![]() |
15. Судан станал независен во 1956, а Абулела е родена во 1967. Ниту таа не е директен сведок на колонијализмот.
16. Лила Ганди го објаснува теминот на Ашис Нанди „неиграчи“ (non-players) како „„другиот“ Запад којшто одбива да учествува во империјалниот поглед“ на светот „и не-Западот којшто е способен да живее со овој алтернативен Запад“ (Gandhi, 172)
прави компромиси на своја сметка, но пак неговиот идентитет е пономадски. Тој е во потрага по себеси и спремен за промена, далеку поспремен од Шадја. Можеби не ја воочува скриената намера на колонијалистите обесени на музејските ѕидови, но ова се случува од причина што е истрениран да има позитивен став кон своите сонародници. Тој се идентификува само со нивната невдоменост, силината и „херојството“, не и со насилството.
2. Подруготнување како одбрана
На почетокот се понудени неколку облици на одбрана од другоста (и од себеси) кај дијаспоричните интелектуалци. Шадија плаче; Етиопјанецот Асафа пие. Постои уште едно позлокобно бегство. Еден нигериски студент се самоубил и овој факт се пронижува како лајт мотив во целиот расказ. Тој е врежан во потсвеста на целата „колекција од Третиот свет“ и се навраќаат на него иако ни е кажано дека „им [е] срам поради тој брат што никогаш не го виделе“. (2001, 101) Неговото споменување е еден вид тајно задоволство и желба.
Кога ќе посака да се одбрани од емоциите што ја дестабилизираат нејзината себеперцепција првото нешто по што Шадја ќе посегне е неучтивоста, за да му стане одбивна на Брајан. Си признава дека е истренирана да им биде пријатна на луѓето од мала. Тие правила сега чувствува дека не мора да ги применува на Брајан. Се лаже дека причината е фактот што не е вреден за такво внимание и дека не ја загрозува. Постапува така токму поради тоа што ја загрозува и го открива лицемерието зад нејзината учтивот.
А лицемерна е затоа што сака да му се потсмева, и да го понижува, не седи со Брајан и другите од „Третиот свет“ во исто време (подоцна и ги заборава сосема), користи ироничен тон кога тој не знае каде е Судан, се фали, верува во стереотипи и има 25 години а мајка ѝ ѝ пере сè, дури и долната облека.
Втор начин на кој се брани себеси е со напад на неговиот социјален статус. „Човек не може да се надева да го измести или сруши европоцентричното размислување преку инверзија … таква стратегија само го реплицира, наместо да го преиспитува … есенцијализмот на доминантната оптика“, вели Лазарус. (2002, 54)
Од потреба да направи класна дистанца Шадја го потенцира својот статус. Се фали дека татко ѝ е доктор. Се разбира, испушта за каже дека татко ѝ е гинеколог, професија која и оставила трауми во детството поради задевањата од пријателите. Исто така ја хиперболизира и убавината на родниот крај, во еден опис до толку
![]() | ![]() |
преполнет со патос што и самата ја препознава неговата исконструираност.
Кога ќе го смени, неговиот изглед веќе не ја плаши; кога ќе се изедначи со знаењето по математика благодарејќи на неговата помош, веќе може да си дозволи и да му се потсмева. Неговата разлика, очигледно, е она што ја привлекува. Кога неа ќе ја снема останува само стравот од истоста. Некои луѓе цел живот живеат во верба во митот за сродна душа. Но што се случува кога таа сродна душа ќе почне да го негира нашиот идентитет или кога ќе ја загрози нашата посебност?
Во мајсторскaта изведба на дијалогот во овој расказ колку повеќе Брајан се доближува до Шадја и ги тестира границите на другоста што таа ги поставува, дискурсот ѝ станува поштур, за да на крај заврши во потполна тишина во музејот. Повикана да зборува за својата земја, Шадја користи минуциозни, литерарни, а на моменти и свесно патетични описи. На почетокот кога треба да се одбрани од силните чувства кон него одлепува по некоја глупост: дека не ѝ се допаѓа неговата обетка, дека мајка ѝ би била принцеза ако Британците не го колонизирале Судан (апсолутно претенциозна измислица) или дека Нил е супериорен во однос на Брајановата река Ди. Но вистински загрозена, таа не се брани со јазик.
„Странецот е барокна личност“: за да се вклопи во новата атмосфера тој се потпира на реторичката софистицираност да може да се наметне себеси на тие што не го прифаќаат и се труди новиот јазик да го присвои што побрзо. Сепак негово „царство е тишината“. Му избледува мајчиниот јазик а новиот никогаш не ќе го совлада. (Кристева 2005, 251,252,158). Шадја одлучува да молчи. Тој молк е бегство од другоста и од себеси, едно неприфаќање и одбивање да се преиспита својата самодоволност.
Во последната сцена, внатре во музејот, немаме дијалог меѓу две култури. Уште на поприватно ниво, немаме дијалог меѓу две индивидуи. „[Б]ез меѓукултурноста (за којашто пророчки говореа Бахтин и Лотман) мултикултурноста најверојатно ќе остане само празен – иако при тоа, политички коректен трендовски – слоган. “ (Шелева 2005,128)
Шадја не е подготвена да ја прифати другоста. Таа сака да го гледа Брајан исто како во музеј. Несменет, фиксен, дискриминирачки европоцентричен субјект што го угнетувал нејзиниот народ во минатото, а сега го подложува на исмевање и културна репресија.
Сепак, Абулела, со својот суптилен јазик се подигрува со оваа нејзина неподготвеност и страв. Во едно интервју, запрашана за оксидентализмот на некои нејзини ликови, таа ќе изјави
![]() | ![]() |
Сè додека прозата е посветена на рефлектирање на реалните луѓе, а не само на софистицираната елита, до тогаш прозата ќе ги рефлектира предрасудите на луѓето и нивните ситни умови кои се резултат на нивните мали и ограничени животи. Некои од моите карактери навистина го перцепираат Западот на редукционистички начин но тие се преиспитани како што се одврзува приказната и ова преиспитување е тоа што е интересно. (2007)
Надежта не треба да се бара само во поединецот, таа е општествена одговорност. Сепак, поединецеот е местото каде може да се интервенира првин. Совет како да се реши овој проблем ни дава Спивак: „дистанцирање од себеси во трето лице и самоиронија“, „логичка и естетска дистанца“ и „враќањ[е] во трето лице со своите поткопани темели“. (2003,35-36)
Секој е „друг“ во одреден степен и за секого постојат прифатливи и неприфатливи степени на другоста. Тоа што некои се по-други од другите е затоа што ние не сме целосно подготвени да ја направиме оваа самоиронична дистанца.
јуни 2009
Библиографија
Книги
Дерида, Жак. 2001 (1991) Другиот павец. Превод од фанцуски Ана Димишковска-Трајаноска Скопје: Темплум.
Кристева, Јулија. 2005 (1997) Токати и фуги за другоста. Превод од англиски Роберт Алаѓозовски, Искра Гешоска, Емилија Георгиевска, Илина Црвенковска и Мимоза Петреска Георгиевска Скопје: Темплум.
Шелева, Елизабета. 2005 Дом/идентитет Скопје: Магор.
Сонтаг, Сузан. 2006 (2003) За страдањето на другите Превод од англиски Владимир Јанковски Скопје: Темплум.
Спивак, Гајатри Чакраворти. 2003 Постколонијална критика. Превод од англиски Лавинија Шувака и Роберт Алаѓозовски Скопје: Темплум.
Aboulela, Leila. 2001. Coloured Lights Edinburgh: Polygon.
Eagleton, Terry. 1996 (2nd ed.) Literary Theory: an introduction Oxford: Blackwell Publishers Ltd.
Gandhi, Leela. 1998 Postcolonial Theory: a critical introduction St. Leonards: Allen & Unwin.
Loomba, Ania. 1998 Colonialism/Postcolonialism London and New York: Routledge.
Pennycook, Alastair. 1998 English and the Discourses of Colonialism London and New York: Routledge.
Статии
Ahmad, Aijaz. 1997 Postcolonial Theory and the 'Post-' Condition in The Socialist Register Vol. 33 еd. Leo Panitch London: Merlin Press 353-381.
Bishop, Alan J. 1995 Western Mathematics: The Secret Weapon of Cultural Imperialism in The Post-colonial Studies Reader еd. Bill Ashcroft, Gareth Griffiths and Helen Tiffin London and New York: Routledge 71-76.
Lazarus, Neil. 2002. The fetish of “the West” in Marxism, Modernity, and Postcolonial Studies еd. Crystal Bartolovich and Neil Lazarus Cambridge, New York, Port Melbourne, Madrid and Cape Town: Cambridge University Press 43-64.
Slemon, Stephen. 1995 The Scramble for Post-colonialism in The Post-colonial Studies Reader еd. Bill Ashcroft, Gareth Griffiths and Helen Tiffin London and New York: Routledge 45-52.
Whitlock, Gillian. 1995 Outlaws of
![]() | ![]() |
the Text in The Post-colonial Studies Reader еd. Bill Ashcroft, Gareth Griffiths and Helen Tiffin London and New York: Routledge 349-352.
Текстови од интернет
Aboulela, Leila. 2007 Interview with Leila Aboulela
http://www.abdn.ac.uk/sll/complit/leila.shtml
Sethi, Anita. 2005 Keep the Faith The Observer June 5 http://www.guardian.co.uk/books/2005/jun/05/fiction.features2
Cowley, Jason. 2000 Commentary – Glittering prize New Statesman September 11 http://www.newstatesman.com/200009110048
Smyth, Brendan 2007 To Love the Orientalist: Masculinity in Leila Aboulela's The Translator in Journal of Men, Masculinities and Spirituality Vol. 1 No. 2 170-182 http://www.jmmsweb.org/issues/volume1/number2/pp170-182
![]() |
Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.
Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!
01 02 03 04 05 06 07 08 09 10-11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61-62 63 64 65 66 67-68 69 70 71-73 74 75 76 77-79 80-81 82 83 84 85 86 87 88 89 90 91 92 93 94 95 96 97 98 99 100 101-102 103-104 105 106 107 108-109 110 111 112 113 114-115 116 117 118