Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 69 | година XII | ноември-декември, 2009



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 69ноември-декември, 2009
Есеи

Зборот наспрема сликата

/6
стр. 1
Весна Мојсова- Чепишевска и Душко Крстевски

    Термините како виртуелност, виртуелна реалност или виртуелен реализам се врзуваат со времето означено со крајот на 20 век и се непосредно врзани со новата компјутерска технологија[1]. Но, проблемот на виртуелноста не станува само технолошко, туку и длабоко филозофско и културолошко прашање особено на преминот од 20 кон 21 век[2]. Авторот на познатата изрека: Медиумот е порака, како и на синтагмата глобално село, Маршал Меклуан (Marshall McLuhan) разликува „топли“ и „студени“ медиуми. „Топли“ се оние кои им даваат на сетилата повеќе информации за стварноста (на пр. фотографијата е поврела во однос на цртежот), а „студени“ се оние кои ни сервираат помала количина информации, како на пр. телефонот. Врз основа на оваа општа поделба, Мајкл Хејм (Michael Heim) издвојува два типа виртуелности: „јака“ т.н. технолошка и „слаба“, симболична виртуелност. Доколку овие дистинкции ги придвижиме наназад, каде што започнува западната култура, до Платон и Аристотел, со доволно храброст може да се рече, истакнува Ораиќ-Толиќ, дека Платон е татко на „топлиот“, а Аристотел на „студениот“ виртуелен реализам (2005: 210)[3]. Со прогласувањето на Аристотел за прв виртуелен реалист во теоријата на книжевност и уметноста не се случува само хипостаза на еден историски поим во една универзална категорија, туку и се овозможува повторно да се осветли феноменот на миметизмот, а со тоа и положбата на самата книжевност во рамките на културата. Книжевниот реализам е секогаш „студен“ т.е. тој е посредуван со помош на јазикот, а никогаш „топол“ т.е. непосредно телесен, истакнува Ораиќ-Толиќ, заклучувајќи дека историјата на книжевноста како студен виртуелен медиум е преполна со копнеж за врелите реални светови … така што таа одвај ја дочека модерната технологија за да почне да ја остварува својата фикција (2005: 212).
    Западната култура во времето на глобализација стана панестетична култура. Имено, таа сè повеќе се претвора во бескрајно поле на играта и симулацијата. Постмодерната во времето на глобализацијата го реализира темелниот модернистички и авангарден проект, а тоа е една тотална естетизација на светот, како и бришење на разликите меѓу фикцијата и реалноста. Уметноста повеќе не ја имитира стварноста, туку обратно, стварноста ја имитира уметноста, нејзината автохтона одредница – фиктивноста. Живееме, за среќа или за жал, во светот на „превртена/обратна“ мимеза (2005: 214). Зоната на реалното од познатата Лаканова тријада Реално – Симболично – Имагинарно станува сè повеќе стеснета така што само во прашање беше времето кога Имагинарното не само што ќе посака туку и ќе стане Реално. Стануваме сè повеќе свесни дека живееме во култура на отелотворени слики, дека се

_____________________________________

1. Синтагмата виртуелна реалност (virtual reality) ја промовира Џејрон Лениер (Jaron Lanier), претседател на компанијата за визуелни програмски јазици (VPL) од Калифорнија. Како конкурентски се јавуваат термините: виртуелна опкружување и виртуелни светови, а како блиски термините: виртуелен реализам (Хејм/Heim: 1998) и киберпростор (Џибсон/Gibson: 1984). Она што Жан Бодријар го опишуваше во својата филозофија како симулација и симулакрум во виртуелните светови на компјутерската технологија стана реално искуство и забревтана иднина која пред нашите очи се преобразува во сегашност (Види Dubravka Oraić-Tolić. „Vitrualni realizam – hrvatski post-postmodernizam“ vo Muška moderna i ženska postmoderna. – Zagreb: 2005, 207-265.
2. Ако човекот сè повеќе своето биотело го изложува на непосредни средби со телата на машините, со киборзите, ако може тој ист човек да се нурне и вистински да престојува во нереалната реалност на киберпросторот која е исто толку реална колку што е и примарна, тогаш сериозно се среќаваме со прашањето за конструктивноста не само на културниот тука и сè повеќе на биолошкиот идентитет. Во тој контекст конструктивен станува не само симболичниот туку и реалниот свет (2005: 209).
3. Основата на ваквата поставеност Ораиќ-Толиќ ја гледа во седмата книга на Платоновата Држава каде тој ја изложува својата онтологија со помош на развиената метафора произлезена од прераскажаната Сократова приказна за пештерата. Платон постапува парадоксално. Тој ја зема метафората на пештерата и со помош на таа поетска слика ги разоткрива сите симболи и слики како лажна отсликана стварност на вистинскиот свет на идеи. Ако замениме некои детали во Платоновата пештера може да се видиме и самите залепени за ТВ-екраните. Студената или слабата виртуелност, според Ораиќ-Толиќ, ја опишува Аристотел во својата Поетика, кога говори за разликите меѓу поетскиот и историскиот опис. Додека историчарот ги опишува настаните онака како што се случиле, поетот нема за цел да ги пренесе вистинските настани, туку да ни го предочи она што е можно според веројатноста или нужноста (2005: 210-212).






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+