Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 71-73 | година XIII | март-август, 2010



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 71-73март-август, 2010
Галерија Осврти

Растење на светлината

„Белата фаза“ на Петар Мазев –од експеримент до парадигма


/9
стр. 1
Соња Абаџиева

Во Скопје, наспроти најчесто непроверените, гласно најавувани и некритички презентирани странски ликовни колекции и дела со сомнителен квалитет на познати автори, ги забораваме нашите автентични богатства. Едно од нив е сликарството од „белата фаза“ на Петар Мазев. Сигурна сум дека делата од овој период може со гордост и без никаква скепса, успешно да се прикажат во најразвиените земји во светот, под претпоставка дека колонијалистички настроените професионалци својата дискриминирачка свест ќе ја истуркаат на маргините и ќе ослободат место за други автентични вредности. Последниве доесега биле непознати за нив, поради отсуството на љубопитство на оние што априори ги потцениле или уште на стартот ги оцениле со негативен аксиолошки знак.
    

    Со одминот на времето некои автори, дела, фази, или минуваат во заборав или нивното значење расте во аксиолошка смисла. Сликите од „белата фаза“[1] како што се нарекува дел од творечкиот опус на уметникот Петар Мазев (делата од 1960 година до 1966 година), спаѓаат во вторите, константно добиваат на вредност.
    

    На 21 октомври 1966 година, Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје[2] ја отвори изложбата на „белите слики“ на Мазев. На овој датум се рекапитулира, синтетизира и заокружува неговиот ангажман на полето на енформелот, како настан завршница – брилјантно крунисување на овој дискурс, кој дури подоцна, откако ќе се отвори новата зграда на МСУ со поставката и Факултетот за ликовни уметности со Мазев, како професор и декан, ќе се почувствуваат харизмата, магијата и влијанието на маестро Мазев врз младите генерации. Некои од нив, денес се меѓу најдобрите македонски творци: Јован Шумковски, Благоја Маневски, Славчо Соколовски … [3]
    

_____________________________________

1. Во изложбата се вклучени и дела со поинаков геометриски поредок, кои ја навестуваат енформелската етапа (Пејзаж 1959 година, од НГМ, Композиција од 1960 година во сопственост на Живко Ицев) и кога се јавува поделбата на платното на два дела, со јасно диференциран темен од светол дел (за Мазев тоа е линија на хоризонтот што ја дели земјата / морето од небото), кои ја антиципираат белата фаза. Од тој контраст понатаму произлегуваат нефигуративни дела со различен однос меѓу светлото и темното. Земени се предвид главно сликите од првата половина на шеесеттите години, со доминантна бела боја. Презентацијата се заокружува / завршува со неколку дела чија, навидум, нереферентна градба вклучува фрагменти на фигури, но останува непроменет односот кон структурата / фактурата на материјата (груба / рустично третирана) и афинитетот за белото: Старец 1967, Македонка 1968, Невеста 1971.
2. Изложбата се одржа во Салонот на ул. Ѓуро Салај 34. Тогаш целата улица беше блокирана. „За првпат во Скопје, не само што беше исполнета големата просторија на изложбениот салон на Музејот, туку оние што сакаа да ги видат изложените експонати мораа да чекаат во ред …“. А.П., во: Редици за посета на ликовна изложба, Вечер, Скопје, 28.10.1966. Оттогаш немаше доволно простор за сите заинтересирани каде и да се отвореше негова изложба. Ретроспективата во 1990 во МСУ ги опфати сите сали на двата ката од зградата на МСУ.
3. Колешката Лилјана Неделковска во текстот за енформелот во Македонија, споменува две дела на највлијателниот македонски сликар Мазев од овој период Пејзаж од 1962, Изгорен пејзаж од 1963. Неделковска, Лилјана, во: Енформел: 1959-1966 (кратка историја на енформелното сликарство во Македонија), Музеј на современата уметност, Скопје, 10.04.2009.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+