Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 77-79 | година XIV | март-август, 2011



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 77-79март-август, 2011
Проза

Брачен пар

/1
стр. 1
Ацо Гогов

     Нашиот брак е постојано недоразбирање, иако не можам да речам дека не се сакаме. На свадбените фотографии изгледам толку тежок, голем, а таа толку мала, што бездруго некој може да помисли дека сме татко и ќерка. Во белата кошула изгледам смешно, толку смешно, пристегнат како вреќа, а вратоврската виси како предмет кој не по своја волја се нашол некаде каде што не му е местото, да ме направи уште посмешен.
     Се сакаме на растојание; само навечер се привлекуваме еден до друг, ги вкрстуваме нашите нозе, раце и вратови и заспиваме. Наутро се будиме во најнеобични положби. Понекогаш моите нозе се обвиени околу нејзиниот врат. Понекогаш нејзините усни се прилепени на мојот лакот. Нашата љубов е бестежинска.
     Наутро, уште нерасонет, ја слушам како станува и почнува да чекори низ собата. Намерно не ги отворам очите: сакам мојата вообразба точно да ја одреди нејзината положба во просторот. Верувам дека во тие мигови таа го напушта својот човечки облик и зема некој животински облик, на пример на срна. Го испитуваат тие срнечки очи секој агол во собата, ги бараат местата каде нашата љубов подигнала привремени прибежишта, свои скривалишта, за да може да трае и да не се растури.
     Таа долго и длабоко може да гледа во дното од испиените филџани со кафе; да плови како по црно море. Сосетките и другите жени, го мерат секој нејзин збор, а таа гледа ѕвезди, повторно ѕвезди и понекој облак. Ја слушам и јас и се обидувам да ѝ верувам, иако безброј пати сум се уверил дека таа претерано многу лаже. Но за разлика од другите жени, кај неа лагата е претопена во уверување дека тоа можеби е вистина која може слободно да заживее и дури да ни се обрати со човечки глас: „Еј, каде сте вие, спанковци?“
     Мојата љубов кон неа е тешко одредлива и има, така ми се чини, вкус на овошје. Често ги допирам расфрланите фустани во собата и се обидувам да пронајдам присуство и облик онаму каде што, очигледно, ги нема. Нејзината појава е толку непостојана и јас само се чудам како досега, некоја вечер, таа едноставно не се преобразила во ветер кој ќе тежи на рамената, но нема да може да се задржи.
     Можеби нашиот брак и не е недоразбирање, ами низа од случајности кои се надоврзуваат една на друга и нè прават да бидеме секогаш на штрек, со преплетени прсти, да не се изгубиме.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+