Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 77-79 | година XIV | март-август, 2011



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 77-79март-август, 2011
Проза

Време на лаги (Табу I)

Извадок од романот


/13
стр. 1
Сибила Петлевски

I. Пандорината кутија

    Парализиран, со прелом на ’рбетот и со внатрешни повреди, лежеше под шаторското крило на полската болница. Еден прилично несмасен, приучен болничар со тенки мустачиња на тркалезното лице се обидуваше во устата да му влее лимонада – да, баш лимонада, и тоа веројатно на истиот начин на кој некогаш потпоручникот Џон Полард го поел адмиралот Нелсон после битката со Французите. Поради тешката состојба во која пациентот се наоѓаше, вкусот на зашеќерена вода со неколку капки сок од наполу скапаниот лимон не можеше да допре подалеку од кожата на усните на воениот капетан Питер Маер и се враќаше низ неговата брада помешан со крв.
    Зошто желбите на хероите на умирање се толку приземни, толку проклето типични во својата плитка патетика, баш како тие луѓе во последен момент да се обидуваат, преку некоја навидум споредна дреболија каква што е лимонадата на адмиралот Нелсон, да остварат врска со загубените идеали, да ја добијат конечната потврда за она што се случило? Тие добро знаат – иако тоа знаење доаѓа предоцна – дека во секоја цел која е остварена со нивна помош и запечатена со нивната крв има точно толку горделиво чувство на победа колку што собира во кусиот миг кога под петицата на војничката чизма пукнува лушпест оклоп, а ѓонот се валка со сивозелената утроба на бубашвабата. Длабоко во себе – некаде во цревата, а не во срцето – тие чувствуваат дека сè што со нивна помош ја постигнало целта, на некој чуден начин успеало да ја утне намерата. Очите на доктор Виктор Тауск се наполнија со солзи: наспроти сè, им се восхитуваше на луѓето како Питер Маер.
    Однадвор се слушаше слаб топовски оган. Сè уште при свест, Питер го замоли докторот, ако има повеќе среќа од него, да отиде во Полах, убаво мало место покрај езерото Фушл во Штаерска, и лично на неговата свршеница да ѝ предаде предмет кој многу ќе ѝ значи. Воениот капетан Питер Маер беше практично пресечен на нивото на вториот и третиот грбен пршлен со шрапнел долг колку нож. Парчето железо кое му се беше забило во ’рбетот беше подолго, потешко и помасивно од обично сечиво со какво се реже леб.
    Со прегледот на трупот установени се многу нагласени грчеви во колената. На уштип од внатрешната страна на бедрото, ногата на пациентот потполно се испружи, а настапи рефлексно празнење на меурот и цревата. Жалиме – пишуваше на крајот на медицинскиот извештај кој го потпиша Виктор Тауск – што околностите не допуштија


Ова е извадок од:
еКнига
Печатена книга




Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+