Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 80-81 | година XIV | септември-декември, 2011



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 80-81септември-декември, 2011
Есеи

Трансцендентална конвекција на лицето во филмот Persona на Бергман

/12
стр. 1
Наташа Сарџоска

Херменевтика на насилното избивање на лицето во крупен кадар

    Доколку дијалектиката на постанувањето, којашто трансверзално го бележи својот епистемолошки, Хајдегерски процес, и којашто се претвора во познание, како чисто онтолошки процес, сфатена како бесконечен и цикличен пренос на содржини помеѓу две личности, треба да добие визуелен перформанс, тогаш Бергман секако би дал значаен придонес кон тоа. Првин, затоа што тој го користи кинематографскиот јазик како средство за филозофско празнење и иманенто читање на повеќекратната слика (во неговите визуелни текстови сликата се појавува во слоеви, направена е од пукнатини) на овој процес на постанување. Во филмот Persona целата игра се одвива преку лицето, преку телото: се соочуваме со личност којашто себеси се само-казнува со немост, а таа немост подоцна ќе стане маргинална феноменологија во споредба со сублиминалните пораки што се лачат од сетилната структура на лицето. Во Persona кодот што ја определува конкретно немоста произлегува од микроструктурата на сликата, од првиот план на Елизабет Воглер „којашто додека глуми, одеднаш се затвора во чудна немост. Таа сака да биде и не сака да личи дека е. Ова е причината поради којашто таа се затвора во потполна немост, и воопшто не чувствува потреба да глуми, да се се прикаже себеси поинаква од она што всушност е“.[1]
    После овој чин, Елизабет е сместена во болница и на самиот почеток од филмската приказна ја слушаме дијагнозата на докторот: „Ти следиш очаен сон и тоа е твојата агонија. Ти сакаш да бидеш и ти не сакаш да изгледаш дека си. Да бидеш во секој миг само-свесна и на штрек, додека истовремено си свесна за амбисот што го дели она што си ти за другите и она што си ти за себеси; тоа ти создава чувство на вртоглавица, страв да не бидеш откриена, да не те видат соголена, без маска, сведена до крајните граници. (…) Подобро ти е да најдеш засолниште во неподвижноста, во немоста, и така да го избегнеш искушението да се лаже, или да најдеш засолниште од животот за да не мораш да глумиш, да покажуваш лажно лице или да правиш нешта што не сакаш да правиш“. Бергман не ни дава задача да ја разбереме оваа немост бидејќи тој нè поканува на повисоко, можеби поинакво, елиптично ниво на еруптивно раздвојување каде што ја истражуваме, со најака моќност, продолжената тишина и празнината во визуелниот контекст.
    Сè започнува со деконструкција на античка театарска маска на Електра (улогата ја глуми токму Елизабет), низ раслојување на слоевите од пораки што се емитуваат

_____________________________________

1. TRASATTI, Sergio, Ingmar Bergman, La nuova Italia, Firenze 1992. p. 84 che mentre recitava (…) si è chiusa in uno strano mutismo (…) Ella vuole essere, non sembrare di essere. Per questo si è chiusa in un mutismo assoluto, così non ha bisogno di recitare, di mostrarsi diversa da quello che è.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+