Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 82 | година XV | јануари-февруари, 2012



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 82јануари-февруари, 2012
Проза

Моби Дик

/9
стр. 1
Херман Мелвил

Извадок од Моби Дик во превод на Огнен Чемерски. Извадокот е од деветтото поглавје. Дејствието се одвива во приморска црква а проповедникот е поранешен морнар.

*Преводот ќе биде објавен во рамките на проектот „Ѕвезди на светската книжевност“ на Министерството за култура.

Извадокот се објавува со дозвола од авторот на преводот. Дозволата важи еднократно и исклучиво за Блесок. Сите права се задржани. Забрането е секакво неовластено користење, проследување или умножување на овој материјал или на делови од него.

ПОГЛАВЈЕ ДЕВЕТТО

ПРОПОВЕДТА

Отец Мепл стана и со благогласие на ненаметлив авторитет им повела на раштрканите луѓе да се збијат: „Десни кораб налево, леви кораб надесно! Средеброда! Средеброда!“[1]
    Tивко меѓу клупите забаботија тешки морнарски чизми и зашушкаа женски чевли, та сè одново стивна и секое око во проповедникот се впери.
    Подзастана малку; па клекна во прамецот проповедалнички, ги прекрсти долгите темни раце преку гради, внебеси заклопени очи и замолитви набожна молитва толку длабоко, небаре на дно море клекнал да се моли.
    Штом и тоа се сврши, со развлечен свечен глас ко бродско ѕвоно што непрестајно ѕуми в магла од бродоломeн кораб на потон, зеде да ја чита следнава химна, но кај крајните строфи му зацимбале ѕвонливо грлото со заносна радост:
      
    „Под ребра и грозомори во китот
    Ме надсводил вилен свод мрачина
    Татни од Божјите далги бабот
    Дури удолу тонам в наказ и судбина.
      
    И зина пеколот челуст што дрчно зјае,
    Та укажа вечнини јад и тага
    Што сал кој умее да сети ги знае
    Оф, очај ми голташе и душа и снага.
      
    Го призивше Бога избезуменава душа,
    Кога дека е мој едвај верував,
    Но сведна тој уво и лелек ми ислуша –
    И во китот веќе не занданував.
      
    Брзо ми притече в спас
    Ко сјаен делфин да го донел;
    Стуштен, но светол, ко ровја в стас
    Блесна Богот избавител.
      
    Во песнава вечно ќе го опевам
    Тој страотен, тој радосен миг;
    Семоќниот вечно ќе го славам,
    Севишниот мој милосрден Бог.“
      
    Безмалку сите се придружија и ја испеаја химнава и ја кренаа високо над олујниот виеж. А потем настапи кратка штама, проповедникот бавно ги вртеше страниците од Библијата и конечно, стисна тупаница врз бараната страница и рече: „Драги собродјани, клин на последниот стих од првото поглавје за Јона: И нареди Господ голема риба да го голтне Јона[2].
    „Собродјани, книгава, која има само четири поглавја – четири преѓи – една е од најтанките нишки во великото пасмо[3] на Писмото. Но до колкави душевни длабочини донурнува подморското јаже на Јона! Колку длабоко поучение ни глаголи пророков! Колку благоразумна е неговата песна во рибјата утроба! Колку талазно и олујно велика! Водиштата

_____________________________________

1. Тука свештеникот користи морнарички жаргон, па вели „десница“ (starboard) и „левица“ (larboard), но треба да се има на ум и тоа дека средишниот дел од црква се вика брод или кораб (грчки: наос), а црква може да биде еднокорабна, двокорабна или трикорабна, па оттука и играта на зборови (бел. прев.).
2. Мелвил ја цитира т.н. Библија на крал Џејмс, а и во сите англиски верзии споменатиот стих е последен во првата глава (1:17), додека во македонскиот превод стихот е 2:1 и гласи: „И му заповеда Господ на еден голем кит да го проголта Јона“. Решив да не го користам македонскиот превод, туку да преведувам од изворот на Мелвил и да споредам преводи на Библијата на други јазици, како и да користам дословни толкувања на изворниот текст. Оттука, решив да го употребам зборот „риба“, наместо зборот „кит“ кој од за мене непознати причини го има во македонскиот превод, а во сите останати преводи на Библијата што ги разгледав стои зборот „риба“. Исто така, го користам зборот „нареди“ зашто хебрејско-арамејскиот збор е „маунау“ (מָנָא), што значи „подготви“, па оттука го користам и првобитното значење на „нареди“. (бел. прев.)
3. Пасмо, јаже плетено како плетенка. Кај нас постои изреката: „не го гледа (жала) пасмото, туку го гледа (жала) влакното“.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+