Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 82 | година XV | јануари-февруари, 2012



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 82јануари-февруари, 2012
Критика

Естетика на ремиксот

/11
стр. 1
Вангел Ноневски

Дискурсот за ремиксот е дискурс за играта. Уметноста на нашето време, интерактивната уметност, подразбира содејство – тоа е повеќе од очигледно. Меѓутоа, содејството може да биде (и е) естетички амбивалентно, доколку во равенката не биде внесена игровноста. Факторот игра, повеќе од кој било друг, може да ни помогне во едно вистинско постулирање на ремиксот како преломна точка, која интерактивноста ќе ја легитимира како феномен достоен за естетичка елаборација. Во спротивно, доколку игровноста не ја внесеме во иследувањето, интерактивноста не само што останува празна од атрибути и бива изедначена со просто механичко содејство, туку таа станува и естетички рамнодушна како и секој друг феномен, па дури (ако сакате) и идеолошки амбивалентна. Затоа, интерактивноста – како и секој друг феномен во ерата на дигиталноста, кој произлезе од медиумско-технолошките иновации – нема да поседува естетички означувачи, доколку тие не се препознаат и не се определат како такви. Ремикс-играта, како што ќе проследиме, тоа го прави поуспешно од кој било друг заеднички именител на интерактивноста и уметноста.

Што е ремикс?

Наједноставната дефиниција на ремиксот може да се најде на почетокот на документарниот филм Сè е ремикс (Everything is a Remix: 2010-2011), на Кирби Фергусон (Kirby Ferguson): „да се комбинираат или монтираат постоечки материјали за да се создаде нешто ново“. Дефиницијата е коректна, зашто, во случајов, номинално-етимолошкиот пристап кон поимот е сосем доволен. Впрочем, буквалниот превод на англискиот збор „re-mix“, што значи повторно мешање, соодветно ја зафаќа суштината на поимот. Според тоа, во естетички контекст, ремиксот ќе претставува повторно промешување на составните делови кои сочинуваат едно уметничко дело (притоа може да се додаде и нешто ново, но и не мора).[1]
    Според тоа, иако секоја манипулација со постоечко дело/артефакт (во што секако влегуваат дада и пост-дада уметностите/практиките и со што, до одредена мера, се подразбира и интерпретацијата и толкувањето) може да се смета за ремикс, сепак, модерните основи на уметничките ремикс постапки треба да се бараат во јамајканската реге (reggae) музика од крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години на XX век. За тоа сведочат еминентните британски историчари и истражувачи на реге музиката, Стив Бероу (Steve Barrow) и Питер Далтон (Peter Dalton):
    техниката на ремиксот првпат се појави во Јамајка, уште во 1967 година, првично во потрага по озвучувачка (sound-system) ексклузивност, но набргу почна да се експлоатира како економски и креативен начин за повторна употреба на веќе снимени ритми.[2]
    Во тоа време, продуцентите и инженерите на звук, како Ради Редфорд (Ruddy Redford), King Tubby и Lee „Scratch“ Perry почнаа да

_____________________________________

1. Тука треба да се спомне дека мексиканскиот теоретичар на уметностите и медиумите во современата култура, Едуардо Навас (Eduardo Navas), прави поделба на три основни видови ремикс. Според него, постои продолжен (extended), селективен (selective) и рефлексивен (reflexive) ремикс. Продолжениот ремикс се карактеризира, како што упатува и самото име, со просто продолжување (екстензија) на делото. Таквиот ремикс е најчесто забележителен во музиката (DJ културата), каде честопати се прават продолжени ремикси на композиции, наменети за клупски настапи. Селективен ремикс на едно дело подразбира додавање и/или одземање одредени делови од оригиналното дело. Тоа значи дека реконтекстуализирачкиот интервенционизам во селективниот ремикс е понагласен отколку кај продолжениот. Рефлексивниот ремикс дополнително ја продолжува и алегоризира естетиката на ремиксувањето, при што ремиксот пројавува тенденции да ја трансцендира автентичноста на оригиналот. Рефлексивниот ремикс наметнува сопствена автономија над оригиналното авторско дело, и покрај тоа што е во голема мера заснован на него. (Види: Eduardo Navas, „The Three Basic Forms Of Remix: a Point of Entry“, retrieved from http://remixtheory.net/?p=174, 2007.)
2. Steve Barrow & Peter Dalton, The Rough Guide to Reggae (3rd Edition: Expanded and Completely Revised), Rough Guides Ltd., London, 2004, p. 215.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+