Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 85 | година XV | јули-август, 2012



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 85јули-август, 2012
Есеи

Од тоталитарна кон транскултурална јавна свест

– дијалог на дискурси и епохи –


/12
стр. 1
Ангелина Бановиќ-Марковска

Пред точно единаесет години напишав еден есеј кој го насловив „Од Гутенберг до ИнтеЛнет[1]“. Есејот ја следи историјата на писмото видена низ семиотичките очила на Умберто Еко, па преку Бахтиновата визија за двогласноста на зборот, води до Епштејновиот транскултурален начин на мислење, во кој се инкорпорирани теориските и философските постулати на постструктуралистичката мисла од 20-от век. Но тогаш, во 2001 година, на самиот почетокот од векот, мојата претстава за транскултуралноста како нов вид слобода, функционираше независно од политичките констелации кои ги дефинираа глобалните промени во светот. Бев ориентирана само кон буквите и гласовите, кон смислите и значењата што ги продуцираше една хипертекстуална поетика занемарувајќи го фактот дека визиите опстојуваат и во премолчените вистини (особено во општествата со тоталитарни режими), формирајќи ја аперцептивната подлога на нашиот говор. А таа отсекогаш била присутна во текстовите што ги читав: кај Бахтин, кај Фуко, кај Епштејн и Дерида… Затоа решив значењата на тие премолчени или одложени вистини да ги побарам, не во артикулацијата (конструкцијата) на идеите, туку во деконструкцијата која започнува кај авторите и во реконструкцијата која продолжува кај читателите, подготвени да ги дисеминираат нивните значења. Така и сторив, особено кога во еден од есеите на Михаил Епштејн, наидов на интересна констатација која правеше аналогија помеѓу абревијатурите WWW и ССС(Р), сугерирајќи дека историјата на создавањето на World Wide Web е впишана во историјата на распаѓањето на поранешниот Советски Сојуз[2], како своевиден хронолошки континуум кој го потврдува совпаѓањето на еден крај со еден подем: крајот на моќниот тоталитарен свет и почетокот на новиот – виртуелен (види: http://old.russ.ru/journal/netcult/98-04-17/epstyn.htm). За што точно станува збор?
    Во 1989 година серија настани доведоа до промени во геополитичката структура на Европа. Тоа лето господово светот го обиколи сликата на која австрискиот министер за надворешни работи Алојз Мок (Alois Mock) и неговиот унгарски колега симболично ја отвораат оградата на граничната линија помеѓу двете земји. Набргу потоа, австриски политичари и претставници од унгарската опозиција постигнувaaт договор за неколкучасовно отворање на границата кај месноста Сопрон, поради настанот планиран за 19 август – Паневропскиот пикник на Ото фон Хабсбург[3]. Беше тоа политички чин на обични луѓе кои го разбудија „духот од шишето“: поттикнати од содржината на летоците со кои на симболички начин се бараше да биде исечена „железната завеса“, шестотини граѓани на Демократска Република Германија (ГДР) кои летуваа на езерото Балатон, од комунистичка Унгарија пребегнаа на Запад, означувајќи го источно-германскиот егзодус и отпочнувајќи ги настаните кои на 9 ноември, истата година, доведоа до уривање на Берлинскиот

_____________________________________

1. Првата објава на овој есеј беше на самиот почеток од 2002 година, во јануарското издание на Блесок: двојазично електронско списание за литература и други уметности; бр. 24 (види: http://www.blesok.com.mk/tekst.asp?lang=mac&tekst=375). Англискиот превод, „From Gutenberg to InteLnet (the cyber-theories of Mikhail Epstein and Umberto Eco)“, набрзо се најде и на сајтот на Михаил Епштејн: http://www.emory.edu/INTELNET/l.author.html. Оригиналната верзија на овој текст е дел и од мојата книга Групен портрет: културолошки и литературно-теориски есеи (Магор, Скопје, 2007).
2. „Кога ќе ги видам буквите WWW, си спомнувам на СССР“, вели Михаил Епштејн во есејот „Из тоталитарной эпохи – в виртуальную. К открытию Книги Книг“, (види: http://old.russ.ru/journal/netcult/98-04-17/epstyn.htm).
3. Покровител на историскиот Паневропски пикник беше Ото фон Хабсбург (Otto von Habsburg), поранешен наследник на австро-унгарската круна, меѓународен претседател на Паневропската унија и член на Европскиот парламент во Стразбур. Денешната Европска унија тогаш беше само Европска заедница на неколку земји членки.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+