Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 85 | година XV | јули-август, 2012



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 85јули-август, 2012
Критика

Поетска тригонометрија на европското-свое и европското-туѓо

(Иван Џепароски: Грабнувањето на Европа, Скопје: Дијалог, 2012)


/3
стр. 1
Соња Стојменска-Елзесер

Во оваа стихозбирка тринаесет поетски триптиси, како триаголни огледала на калеидоскоп, вибрираат низ просторот и времето, создавајќи необични проблесоци на енигмата наречена Европа, прекршена преку  призмата на интимниот искуствен свет на нивниот автор.  Тие покажуваат дека вон од заглушувачкиот галиматијас на евро-темите, кој секојдневно не притиска од сите страни, чувсвувањето, промислувањето и доживувањето на Еропа и европскиот дух може да има префинет, стилизиран поетски израз и да проникне многу подлабоко во болните и проблематични места од дузина научни студии, политички говори или медиумски дебати. Повеќето од стиховите се зародени при реалните физички патувања на авторот низ европските градови (првенствено во необичниот проект-манифестација наречен „Литературен Експрес Европа 2000“, како и при други конкретни патувања прецизно документирани со неодамнешни датуми), но, исто така, дел од нив се темелат и врз духовните лутања и авантури низ ризницата на европската култура и традиција, сфера во која Иван Џепароски се чувствува навистина дома. Како филозоф и врвно рафиниран и едуциран естетичар, тој суверено колажира филозофски сентенци со филмски сцени, наслови на филозофски списи со наслови од дневните весници, стихови од познати поети со политички фрази, математички операции и научни теореми… Кантовски безинтересно разиграно поетот ги демистифицира култните европски амблеми и ги поставува пред параметрите на духот на денешницата, кој немилосрдно ги сведува на туризам, спектакл, профит… Со голема доза на иронија и резигнација тој се навраќа на вртоглавите бесконечни контрапунктирања од типот Исток-Запад, Европа-Азија, Европа-Балкан, Турција и Европа, Европа и јас, Европа и ти… кои, сепак, се распрснуваат како балон од сапуница пред ултимативната опозиција живот-смрт. Апстракцијата наречена Европа, која претставува комплекс од лични патувачки искуства, енциклопедиски познавања на хуманистичките сфери, проникнатост во филозофската мисла и цивилизациските вредности, кај поетот буди амбивалентни чувства кои ги определува преку фројдовскиот концепт на unhеimlich, нелагодното блиско, а туѓо; заплашувачкото свое, кое го носи како внатрешна содржина, но кое му го врти грбот; познатото и сопствено, во кое тој, сепак, „невдомено домува“. Целата стихозбирка на Џепароски, која не случајно е насловена Грабнувањето на Европа, го има горкиот вкус на стигматизација, со децении карактеристична за македонските интелектуалци, неоспорни европејци според духовниот хабитус, но не и според својот пасош.  
    Првите два триптиха во збирката го задржуваат континуитетот во поетскиот свет на Џепароски, бидејќи во потходот се надоврзуваат на неговите претходни поетски збирки (Слики од изложбата и Еклоги). Во сега „новите“ слики, поетот се фокусира врз неколку парадигматични сликарски дела: платната на Рембрант Ван Ријн „Грабнувањето на Европа“ и „Чевли“ на Винсент ван Гог,






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+