Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 09 | година II | јуни-јули, 1999



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 09јуни-јули, 1999
Театар Осврти

Малку врева за многу награди

/1
стр. 1
Горан Тренчовски

    И оваа година, дури по 34-ти пат, од 5-ти до 10-ти јуни во Прилеп се одржа Македонскиот Театарски Фестивал, чијшто патрон е основоположник на македонската драма – македонскиот патриот Војдан Чернодрински (1876-1951). Листата на претстави кои во официјалната конкуренција беа изведени на овогодинешниот Фестивал беше следнава: „Последните селани“ на НТ – Битола,  „Хамлет“ на Драмски театар – Скопје,  „Духот на лименката“ на НТ „Антон Панов“ – Струмица, „Г'оф“ на Албанска драма – Скопје, „Лудиот Ибрахим“ на Турска драма – Скопје, „Раскол“ на НТ – Куманово, „Мачка на вжештениот лимен покрив“ на НТ – Битола и „Мурлин Мурло“ на МНТ/драма – Скопје. Наградени имаше повеќе, а незадоволни беа и дел од нагр(а)дените и ненагр(а)дените.
    Со години наназад, овој единствен фестивал на македонските (си уште, освен МНТ) народни театри, живее и постои, со сите свои угорни и надолни осцилации. Најпрвин беше смотра, потоа станаа игри, па тема и дилема беше предлогот да биде тоа ревија на само домашната драма, за најпосле да се самодефинира како МТФ (Македонски Театарски Фестивал), со триенална опција на домашната драма.
    Континуитетот на опстојување секако дека заслужува значителен респект и смисла за негување на традицијата и вредното национално културно/театарско наследство, но повеќе од сигурно е дека и во оваа институција, како и во други театарски институции, потребна е темелна реорганизација и преструктурирање.
    Во последно време, (со мал број исклучоци, секако!) желбата на секого да добие награда, им се исполнува само на оние попробивните и посреќните, а додека оние вистински највредните, рака насрце, ги има малкумина. Фактот е непобитен: мала средина сме, конкуренцијате е уште помала, нема престиж, секој може да биде најдобар… Изгубени се основните параметри на вреднување, а не помагаат нуту десет селектори, ниту дваесет членови на жири.
    На оваа институција ѝ е потребен уметнички директор, односно креатор на фестивалскиот концепт, а што се однесува до признанијата, тие очигледно треба да се редуцираат: треба да постои единствено награда за најдобра претстава и по само една награда за машко и женско актерско остварување. Така и фестивалскиот натпреварувачки карактер ќе добие поголема тежина, а лауреатската сатисфакција ќе биде исто поголема. На тој начин би се избегнале кавгите, обвинувањата дека жирито се подмитува и преголемата можност за манипулација. Исто така, и терминот на одржување е под знак прашалник. Зошто да не биде наесен или напролет? Вака, во јуни изгледа како бранење матурски испит.
    Голем недостиг е и фестивалската комуникација со други културни средини, покана на директори на светски фестивали, странски критичари, новинари, театролози, медиуми…
    Единствениот новитет на последниве изданија од МТФ е театролошкиот симпозиум којшто оваа година се одржа на тема „Актерството и режијата во македонскиот театар“.
    Затоа, пред крајот на веков, алармирам и апелирам: Quo vadis, МТФ?!






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+