Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 12 | година III | јануари, 2000



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 12јануари, 2000
Проза

Луѓе од слама

/4
стр. 1
Крсте Чачански

    Беше декември, крајот на есента 1972, и одев во прекоманда во Третиот пешадиски полк во Н. Се разделував од камените ѕидови со кои беше оградена Школата како од сон и како во сон; бев завршен офицер на ШРО во Билеќе, но немав радост, нешто секна во мене, пресуши. Другите офицери се збогуваа, се прегрнуваа, беа лавина што окопнува одеднаш, а јас испразнет однатре, веев во воздухот како трепетлика, бессилен, зачуден и врзан од онаа воздушеста копрена што ги обвива разделбите. Гледав во таа искрена, чиста слика од далеку, колку само оддалечен, а тука, во средиштето на таа зазбифтана пифтија што се прегрнува и се топи. Сега знам, тогаш барав откинат дел, скинато парче од мојата душа што ѕвони некаде низ камењата на Херцеговина, скита таму некаде и не може да умре.
    Школата беше сместена во зградата на некогашниот астроунгарски затвор, извесно реконструиран однатре, но за сето време имав чувство дека сум во апс и без да го знам сопствениот грев. Камените ѕидови ги тискаа воздухот и спомените, го обградуваа просторот и времето и само понекогаш ѝ дозволуваа на мислата да го наткрили бедемот, да заскита и да се врати капната, раслоена и непрецизна. Тогаш го барав најкусиот пат кон себе; зачуден од реските команди и измешаните значења на трубите.
    Северно од Школата почнуваше градот, логичен приврзок на касарната, а другите страни на светот без планини. Источно од ѕидините понираше Требишница; реката исчезнуваше во грлото со три реда бодликава жица. Дење ја избегнуваа во разговорите, а во ноќите идеше нејзиниот темен гргор како коба, ненајавен, тежок. Сите ја молчеа, и реката, и кобата, и нејзиниот подземен гас, но различно ја сонуваа. Една ноќ ја сонив и јас; беше чудесна жена, со долга, распуштена коса. Ме викаше кон себе со благост, со мека иронија и скрб, со страдање. И од таа ноќ сонот се повторуваше, стануваше чиста материја и веќе немав право на друг сон.
    Целиот се претворив во уво, во штама, а во неа ме начекуваше кикотниот гргор на реката. Никогаш не видов каде понира, но ја слушнав нејзината утроба, нејзиното грло, нејзиниот мек баршунест глас, како ме зазборува, како ме вика со мрак во говорот, како да е жена.
    Целиот пат додека патував кон Третиот пешадиски полк во Н. Истураше од небото. Мачна е сликата кога се здружени ден и ноќ и небото и земјата и особено кога тој ден е вивнат во воздух од значења.
    Ќе скратам: одев во прекоманда и не бев сам.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+