Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 12 | година III | јануари, 2000



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 12јануари, 2000
Критика

Поетика на тесниот простор

/13
стр. 1
Катица Ќулавкова

Анксиозност од дефинирање

    Книжевниот вид чија елиптичност/shortness се издига на рамниште на есенцијална генеричка и онтолошка вредност, не може а да не предизвика извесен зазор од дефинирање. Расказот е токму таков книжевен вид, пред чиешто дефинирање нè обзема неопишлива анксиозност. Во мигот кога ќе помислиме дека сме го пронашле моделот на концептуализација на расказот и дека сме ја формализирале неговата расказност/storyness/narrativité, ете го како нѝ се измолкнува со сиот повеќевековен багаж, оставајќи нè на цедило, изневерени! Оваа флуидна книжевна сорта, ова чудо од дискурс, оваа трикратна перфекција од донжуановски ерос, томина скепса и јудина превртливост/дволичност! Екстатичен рез во хаосот, миг на откровение, лектира forte, протејски адаптибилна во простор и време, од еден до друг медиум, на плажа, во метро, при успивање, лектира за фасцинирање, за меморирање, за пре-раскажување и ин-сценирање…
    Прашањето колку расказот е „кратка литерарна прозна фикција“? (Allan H. Pasco, 1994, 118) е вообичаено прашање кое доведува до многу невообичаени одговори-во-одговорот. Не заплашува толку отвореноста на жанрот, колку инертноста на теориските воопштувања, каталогизации и дефиниции! Таа („престабилизираната“ инертност на жанрот) опоменува дека еднаш спознаената недефинитивност на расказната форма не смее да се игнорира. За возврат очекува реактивен отпор од страна на конкретните исторични и „персонализирани“ (М. Бахтин) контексти кои ја условуваат епистемолошката инконклузивност, да не речеме бесперспективност и залудност! Тоа се, прво, оние контексти во коишто одделни раскази се пројавуваат како литерарни артефакти, и второ, металитерарните контексти, во коишто се пласираат разновидни теориско-логички концепции за расказот. Расказот и неговата концептуална проекција можат да бидат или во дослух, или меѓусебно да се иритираат. Погледнати во перспектива на еден операционализиран историски пресек, овие релации меѓу расказот и теоријата на расказот го почитуваат начелото на внатрешна кохеренција. Но, погледнати од системски и од методолошки аспект, теоријата на расказот е соочена со бројни антиномии и апории.
    Почетоците на нововековната традиција на расказот се ситуираат во епохата на Ренесансата, кога во книжевната пракса неколку до денес неодминливи збирки новели ја втиснуваат разликата меѓу усмената народна приказна (conte, cuento, tale, folktale, Erzählung, сказка) и авторската новела (novella, nouvelle, novela, Novelle, récit, short story, рассказ). Најзначајни меѓу нив се Декамерон од Giovanni Boccaccio – 1348, Примерени новели од Miguel de Cervantes – 1613… Во распон од две столетија се оформува идентитетот на новиот, иновантен и тогаш „модерен“ наративен вид, ренесансната новела (имплицитно и на ексклузивно минијатурната пред-ренесансна форма Novillinos!) визави идентитетот на фолклорниот книжевен вид приказна и визави тн. Народни новели, какви што се на пример арапските новели од


Ова е извадок од:
еКнига




Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+