Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 14 | година III | април-мај, 2000



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 14април-мај, 2000
Проза

Г-дин Дика реши да се убие

(извадок од необјавениот роман „Самоубиецот“)


/4
стр. 1
Слободан Мицковиќ

    Господинот Дика реши да се убие.
    Господинот Дика немаше претстава, немаше поим, ниту можеше да знае и да сфати колку таа одлука ќе му го усложни животот.
       А реши да се убие сосема случајно, ненадејно и за него самиот. Никогаш пред тоа господинот Дика не помислувал да се убие, всушност тој никогаш и не мислеше на смртта, ниту онака воопштено, филозофски, што би рекол тој со постојаниот сарказам со кој го изговараше или само го помислуваше тој збор, филозофски, а пак на својата, на сопствената смрт, ниту некогаш помислил, та сигурно ниту имал, кога и да е, не само мисла туку ни примисла за самубиство. Не ја знаеше дури ни флоскулата дека „смртта им се случува на други“. Воопшто, господинот Дика имаше вградено во себе една непропусна одбрана кон самиот збор смрт.
       И, ете, еден таков човек, во миг го надви, му се наметна и сиот го обзеде идејата дека треба да се убие. Имаше фобија од височина а во таа прва замисла за самоубиството токму така се виде себеси – како паѓа од некоја вишна кула кон нејзиното остро карпесто подножје. Се виде така запреврќан, со разлетани поли и расшлапани ногавици, со развеана коса, и – воопшто не се уплаши. Напротив, почувствува дека тоа е оној блескав излез од овој, ваков, живот.
    Одлуката да се убие господинот Дика ја откри така во себе во тој еден единствен миг. Тој миг му припаѓаше на еден пролетен празничен ден, на првиот ден Велигден, значи недела. Утрото беше навистина светло и тивко, без ветер, со благо сонце, со нежно зеленило. Беше сопрел на малиот паркинг пред бутката со весници и дури кога на излегување ја затвори вратата на автомобилот, кога таа тресна како мала експлозија, сфати дека наоколу владее некаква подводна тихост, дека ништо не се поместува, дека не се движат коли, дека нема никаде никого а тогаш виде дека и бутката за весници е затворена, со спуштена железна зелена решетка. Зад бутката, потопен во проѕирната, речиси нестварна утринска магличка, просветлена од косото сонце, се простираше Градскиот парк.
    Господинот Дика, без да знае зошто, влезе во паркот. Во паркот сигурно не влегол петнаесетина години. „Деветнаесет“ јасно помисли господинот Дика. Тогаш, да, точно пред деветнаесет години, последен пат беше влегол во парков во една пролетна ноќ, „да не било и тогаш за Велигден“ се праша и чекореше веќе по централната алеја која водеше кон споменикот на Херојот. Имаше лошо, во секој случај непријатно чувство како да






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+