Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 28 | година V | септември-октомври, 2002



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 28септември-октомври, 2002
Поезија

Медеја и нејзините воени справи

Препев од романски: Лидија Димковска


/2
стр. 1
Јоан Флора

Медеја и нејзините воени справи
Кобилата Дунавија

_______________________________________________________________________

Медеја и нејзините воени справи

Грмежи, затемнување на сонцето, букови трупци,
садови смола и сулфур, овни со железни рогој
висат во кулата за разбивање на ѕидовите.
Заштитен кров од штитови.
Оган.
Оган.
Внатре, вооружени луѓе зборуваат за мостот подигнат врз мост,
за мостовите носачи на кофи со пламен ,
за коњаникот што го боднал коњот и загазил во реката.
Коњ со фенер, поткован со жар против душманите.
Сноп суви ветки, пламен ги зафатил портите, се потпалуваат казаните,
скалила и подвижни фенери.
Извишување на водите.

Леплива кал, ветер, прст пред око не се гледа, се вртам нагоре, кон планината,
слушам како крцкаат гранките под коњските копита.
Се искачувам се искачуваме, а нозете – од олово се;
застанувам, се наведнувам, си ги врзувам врвките, запалувам една;
ене ја стрмнината што да ја искачам треба,
елката што за да ја накитам да ја исечам треба,
уште неколку стотина метри,
облакот од чад се извива над мене.
И шумата, најсетне; елката најсетне,
сребрената секира татни во ноќта,
елката се струполува на стапка од долот,
со ланци е окована, за коњот е врзана,
чакал, гласови во соседството, падот на водата,
камењари, крцкањето на песокта под одлучниот чекор,
триумфалното влегување во дворот,
презмрзнат, покрај огништето ќе седнам.

Грчкиот оган што го носеа магарињата,
алкохолот, оцетот, газијата,
факели во човечки раце или во раце на духови,
мазги, биволи, пци, мачки, стаорци на претек,
каменофрлачки, стапици, топови,
воени кораби,
лаѓи-каратофрлачки, бродоломки и разбивачки на тврдини,
смола, сулфур, боцки и колчишта, запалливи стаорци,
вино, катран, масло,
жешки оружја заскитани во непријателските утроби.

Си ја собира косата на тилот, образите и горат, шепка,
леко си ги положува рацете врз моите рамена,
уште малку, и ќе се раздени;
елката е во дворот, Божик на порти, неподвижните ѕвезди таму горе,
сребрената секира забиена во трупецот.
Во легенот сипува топла вода, се наведнува и ме целива,
топло е, во куќата светлината трепка, нозете ти се смрзнале,
ќе ти стоплам една лута.
Фати ме за рака, само кога се смееш ти излегуваат брчки околу устата.

„Сулфурот и катранот треба добро да се измешаат со шалитрата,
а ако сакаш да го засилиш огнот,
додај во смесата ракија – на една фунта четири унци,
само, да се исуши добро треба…“
А ако немаш ракија, тогаш
„земи оцет, сипи внатре и пушти ја пепелта  да се исуши.
А камфорот е каде-каде подобар од оцетот.
Додадеш ли арсен во пепелта, подалеку ќе ја отфрла карпата“.

Коњ со фенер, кромид, сирење, риба, грутче сол,
утроба, измет и човечки лешеви во распаѓање,
водата никако да се издигне,
опсада и чума поробителка,
лаѓи со трупци со овновски глави, лаѓи со ѕвезди,
15 унци шалитра, 15 унци сулфур, 3 унци багремов јаглен.
Скалила, лостови, макари, чекрци,
извлекување, пренесување и складирање на воздухот под зимското небо,
товарни лаѓи, рибарски лаѓи,
опустошени цркви, колиби оставени на милост и немилост,
јарболи, кули за нишанење, боречки животни, копја, стрели,
коси, овни, каменофрлачи, исфрлувачи на изметот во клокотот.

И најсетне, шумата; и најсетне елката,
сребрената секира татни во ноќта,
елката се струполува на стапка од стрмнината…

Воденици што ги вртат магариња,
воденици што ја мелат празнината
меѓу рамото стежнато од оружјето и окото готово да нанишани
во смртта заледена во зеницата на воинот-душман,
терпентин, aqua ardente и aqua vitis,
логор со плева од луѓе,
дрдорење меѓу два воина со факели и халебарди
во жива расправа за (не)возможноста мостовите
да се изградат врз мостови,
за коњот што се удавил во реката, за пешаклијата со факел;
одвреме-навреме, ненадејна придушена смеа на селанец
кој напладне се упатува кон Плоштадот на Советот,
шепот наспрема смеата на голобрад граѓанин,
пенлива, заразна смеа што заплиснува
како летен дожд, со бабулиња.

Кога ме целиваш, околу устата ми излегуваат брчки.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+