Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 28 | година V | септември-октомври, 2002



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 28септември-октомври, 2002
Театар Осврти

Шишков – Синтеза

/7
стр. 1
Јелена Лужина

    Конципирајќи[1] ги најпрвин симпозиумот а потоа и оваа книга[2] за актерското мајсторство на Ристо Шишков, мајсторство што во протег на релативно краток век од одвај дваесеттина години (од 1962-64 до 1984-86, кога тој ќе ги одигра последните ролји), настојував – најпрвин – да уточнам она со што тимот што го реализира овој проект не сака да се занимава. Определувајќи ги – однапред – нашите цели (да понудиме што е можно поразновидна, ама сосема конкретна, сосема егзактна научна-театролошка аргументација/експликација на позицијата и статусот што Ристо Шишков за себе го изборил во поновата историја на македонскиот театар, филм, телевизиската и радиската продукција…), прецизирав – најпрвин – она што потоа сите соработници го прифатија како стратегија според која и ги пишуваа своите прилози:
    Дека ќе се занимаваме исклучиво со конкретни, научно/методолошки проверливи, „измерливи“, егзактни, „доказливи“ елементи што го структурираат (творат, градат) таканаречениот феномен Шишков.
    Да се зборува така – студено, рационално, дистанцирано, егзактно – за флуидниот, ефемерниот, во голема мерка емотивниот феномен каков што е актерската игра, можеби и не е толку компликувано колку што е невообичаено, барем кај нас (и, барем, засега). Севкупното наше пишување за и околу театарот, вклучително и нашата театарска критика, бележително страда од кусок на фактичка/научна информираност (пред се од кусок на методологија), па оттука – реципрочно – и од вишок на паушалната (најчесто неаргументирана, површна) емотивност. Макар што, последниве години, ова повеќедецениско „страдалништво“ постепено се намалува – бидејќи се афирмираат (сепак!) некои поинакви критичарски пристапи и се наметнуваат сè посериозни театролошки анализи – пишувањата за и околу театарот, особено за и околу актерската игра, сè уште се (главно) втемелени врз впечатоци и врз емотивни/априористички определби („за“ – „против“). Не се исклучоци ниту навидум најамбициозни видови/форми на театарското пишување, структурирани (понекогаш) и во цели книги.
    Вкупното – досегашно – пишување за Ристо Шишков е пример на ваквиот „беспомошен“ скрипторски стандард.

* * *

    Можеби токму преку кариерите на тројца врвни актери треба да се определуваат и вреднуваат трите клучни епохи/фази од развојот на македонското актерско мајсторство:
    Првиот е Петре Прличко, амблематски знак за онаа иницијална, интуитивна – битовска – и уште сосема миметичка фаза од македонската театарска историја.
    Вториот е Ристо Шишков, парадигма за онаа фаза којашто хронолошки ќе уследи, а ќе биде мошне настојчива околу сопствената едукација, разбирајќи ја како единствениот модус низ/преку кој умешноста ќе ја престорува во вистинската уметност; овој напорен процес на себеобмислување ќе функционира така што ќе воспоставува, усвојува и практикува проверен метод на игра, веќе докажан и прославен систем

_____________________________________

1. Поради просторната ограниченост, моравме да го скратиме овој текст, само во пасусите што се однесуваат на биографските податоци за актерот. Интегралната верзија на текстот може да се најде во печатена форма.
2. Шишков – монографија, група автори, прир. Јелена Лужина, ФКТ „Ристо Шишков“-Струмица, 2002






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+