Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 30 | година VI | јануари-февруари, 2003



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 30јануари-февруари, 2003
Критика

Книжевно-историските состави во македонската средновековна литература

/11
стр. 1
Маја Јакимовска-Тошиќ

     Во жанровскиот систем на средновековната литература, историско-летописните текстови се изделуваат како посебен книжевно-историски жанр, со специфична изразна форма, создавани и моделирани во тесна зависност од степенот на историската информација.
     Определувајќи ја категоријата книжевен жанр како историска категорија, Д. С. Лихачов истакнува дека за литературата ниеден жанр не е „вечен“, бидејќи низ времињата се менуваат принципите на изделувањето на одделните жанрови, нивните видови, карактери и функции.[1] Иследувањата на Лихачов за меѓусебните односи на литературните жанрови претставени врз материјал од старата руска литература, можат да се применат и на старата словенска литература, бидејќи се формулираат типолошките особености на жанровскиот систем карактеристични за целиот старословенски простор. Како главна основа за изделувањето на жанрот во старословенскиот период била темата или предметот на кој му било посветено делото, што од своја страна доведувало до нејасно разликување на одделните жанрови. Книжевните (структурно-композициски) признаци на самиот жанр при неговото разграничување не играле голема улога. Нивното постоење и опстојување во старословенскиот период во голема мера зависело од нивната примена во практичниот живот, што не одговара на современата определба на книжевниот жанр. Поради тоа, жанровите во средновековниот период се определуваат како рефлексии на начинот на живеењето, на секојдневниот живот и навиките.[2] Појавата или исчезнувањето на одделните жанрови е процес што се сврзувал со објективните потреби на средновековната феудална држава и општествен поредок, а во врска со тоа се определуваат и функциите што требала да ги исполнува самата литература. Социјалните и политичките услови карактеристични за феудалниот општествен поредок биле важни фактори и во процесот на определувањето на формите, содржините и насоките во развојот на македонската историографија. Темповите и спецификата на овој општествен процес, ја определува и хиерархиската подреденост на одделните литературни жанрови.
     Жанровите се разликуваат и според нивната намена во сферите на црковниот и световниот општествен живот. Така, присутна е општата поделба на средновековната книжнина на духовна (црковна) и на световна (профана). Официјалната старословенска книжевност се развила токму од овие два жанровско-тематски правца: во духовно-религиозна, литургиска и световна насока.[3] Така на пр., според својата намена, словата се говореле во црква, житијата се читале во различни околности, а биле непосредно сврзани со црковното богослужение и манастирското правило. Формирањето, пак, на световните жанрови било исто така потчинето на практичните, деловните потреби на општеството. Под влијание на официјалната преписка се јавуваат разновидни писмовници, писма и посланија; понатаму се јавуваат разновидни патеписни жанрови („хождение“), разновидни акти на државната управа итн. Но, и самата црква, од своја страна и за свои потреби, ја воведува

_____________________________________

1. Д. С. Лихачов, Поетика старе руске књижевности (превео Д. Богдановиќ), Београд 1972, стр.51.
2. Д. С. Лихачов, Поетика…, стр. 60.
3. Катица Ќулавкова, Континуитетот на македонската книжевна историја – (некои книжевно-историски и теориско-методолошки соочувања), Книжевен контекст, 1, Скопје 1995, стр.36,






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+