Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 31 | година VI | март-април, 2003



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 31март-април, 2003
Звук Осврти

Хопкинс - Китановски Квартет во „Универзална сала“

Емотивна изведба на „Приказните од Нова Англија“


/1
стр. 1
Љупчо Јолевски

Концертот го проследија само околу 300 посетители, што дефинитивно влијаеше на атмосферата во салата, но не и на она што се случуваше на сцената

     Македонскиот џез-гитарист Тони Китановски ја продолжува својата културна мисија. Само триесетина дена по настапот со триото, во истиот простор – значи во „Универзална сала“ во Скопје, музицираше со нова формација. Во средата вечерта, на 19 март, Китановски и трубачот Грег Хопкинс, пред присутните го претставија квартетот во кој беа и Оливер Дуев на тапани и Иван Бејков на контрабас, а нивен гостин во дел од програмата беше Џијан Емин на хорна. Сè на сè, состав кој според звучноста на имињата (Хопкинс е еден од највлијателните џез-музичари во североисточниот дел на САД, професор на колеџот „Беркли“, трубач кој настапувал и снимал со најпознатите џез имиња како Џорџ Бенсон, Мишел Петручијани, Џо Ловано…), ветуваше убава вечер за љубителите на овој вид музика и чествување на слободата за импровизација. Ова особено ако се знае и тоа дека Американецот заедно со Китановски и овдешниве џез-музичари, пред четири години (во 1999), имаше навистина успешен концерт во преполниот салон на Македонскиот народен театар.
     Сепак, наспроти сево ова, изненадувачки концертот го проследија само околу 300 посетители (вистинските љубители на џезот во градот), што дефинитивно влијаеше на атмосферата во салата, но не и на она што се случуваше на сцената. Впрочем, тоа и беше единствената маана на ова случување кое ќе беше многу подобро ако се одржеше во некој поадекватен простор (клуб, помала сала…) или барем ако беа искористени погодностите (новите сцени) промовирани неодамна од раководството на „Универзална“.
    

     Инаку, во некои 80-тина минути, Хопкинс и Китановски со квартетот претставија концепт кој беше потпрен на неколку стандарди (“With the Song in My Heart” од Ричард Роџерс, “Jago” на Џон Луис од легендарните „Модерн џез-квартет“) и композиции од поновите фази на нивното творештво. Притоа, особено впечатливи беа изведбите на Хопкинсоновите – „Маслинова гранка“ и „Црвено вино“, но концертот својот креативен врв го имаше со посегањето по суитата „Приказни од Нова Англија“ (нејзините три дела: „Масачусетс“, „Островот Кати Ханк“ и „Централниот плоштад во Кембриџ“), напишана во годините кога Китановски престојуваше во САД.
     Емотивната изведба на ова дело го претстави Китановски во една друга димензија – не само како голем мајстор на инструментот, туку и како самосвоен автор и лидер на бенд што знае добро да повлече тогаш кога најмногу е потребно и да им остави простор на соработниците за слободна, но одмерена импровизација.
     Концертот беше завршен со „Чекори“ (композиција позната на публиката од претходната средба на Хопкинс и Китановски во Скопје), но задоволството беше пролонгирано откако квартетот беше вратен на сцената за да отсвири уште нешто – во случајов, класиката “Softly as a Morning Sunrise” од Сигмунд Ромберг.


    звучни записи






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+