Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 32 | година VI | мај-јуни, 2003



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 32мај-јуни, 2003
Есеи

Ема

/1
стр. 1
Ана Димишковска - Трајаноска

     Една мала секвенца, неизбришливо изгравирана на белиот мермер на свеста.

     Црквата Сен-Жермен л’Оксероа, сјајниот бисер на готската архитектура во срцето на Париз. Големата розета, како каменен цвет со илјадници кревки, разнобојни ливчиња, треперлива мембрана на меѓата на двата света. Надвор – една минлива пролет. Внатре, во тивката полутемнина, малечка бела капела посветена на Богородица; статуата ја доловува во свет занес, со движење устремено зад превезот на видливото… А околу… Целиот ѕид прекриен со мали мермерни плочки, стотици, испишани со пораки на благодарност и почит кон Девицата-мајка, за малите и големите чуда, со кои таа обдарила нечии животи: ненадејни оздравувања, неверојатни спасувања, пронаоѓање на дамна загубените драгоцени нешта….

     И на една од нив, од многуте, стои само:
      “Sainte Vierge,
     merci
     pour mon Ema”.
     И датум, од минатиот век.

     Порој од слики, се потопуваат една со друга. Ема? Девојче со руси кадрици, насмеано, во свилено фустанче со тантели, трча да се фрли во прегратките на мајка си… Нејзиното раѓање – долгоочекуваната радост со која, по многути пусти години, Sainte Vierge го праќа знакот на својата милост, осмислувајки ја тивката верност на ноќните молитви… Или: Ема. Млада, расцутена жена во чии прегратки животот се бранува како море, повторно дарувајки ѝ ги на една осамена душа одамна потонатите, откраднати скапоцености… Или: Ема. Нежна сестра, небесно суштество пратено да го врати залутаниот на неговиот пат, да страда молкум, тивко и долго, обновувајкки ја својата сила од секоја негова насмевка… Или: Ема. посестрима, голема душа, огледало на радоста… Или: Ема, животна сопатничка, веќе на крајот на патот, во чии сини очи останале уште само спомените – незгасливи искри на една неповратна, заедничка  младост… Или…
     Која била Ема?
     Која и да била, веќе не е.

     Само нејзиното име, на ѕидот.
     А била чудото на нечиј живот.
     Фреска, под кожата.

     И во светиот простор, под високите сводови на црквата – нашите тела.
     Живи храмови на чии ѕидови стојат врежани имињата на оние низ кои ни прозборел светот.
     Оттргнати од времето.

     Sainte Vierge
     Merci.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+