Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 32 | година VI | мај-јуни, 2003



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 32мај-јуни, 2003
Критика

Кандид од наше маало

(Ермис Лафазановски: „Роман за оружјето“, Магор, Скопје, 2003)


/4
стр. 1
Елизабета Шелева

     Можам да го започнам овој текст со искрен ламент, напишан во духот на воведната реченица од романот, за кого ќе пишувам: „Да се добие денес здрав машки критичар безмалку е невозможно“. Затоа морав и натаму ќе морам тоа јас да го правам. Но, да признаам, оваа парафраза ја поттикна токму храбриот маж Лафазановски и неговото, необично признание, дека „да се добие денес здрав машки ќотек е безмалку невозможно“.
     Но, не му е прв пат на овој автор да настапува од „позиција на стриптиз сила“. Не му е и не може да му биде, бидејќи стриптиз поетиката (како поетика на соголената постапка) е неговиот, препознатлив сценски костум, секогаш кога суверено настапува на нашата, воајерски сèуште гладна, книжевна естрада.
     Лафазановски е заскитан од некој коридор, за таен дотур на карневализирана стока и остроумна даниил-хармсовска поетика. Неговите претходни книги (раскази, романи), личат на идеален буквар за современа илустрација на теориските досетки, кои ги прославија руските формалисти: соголената постапка („пустата закуска… арно ѝ велеа постарите „-Ќерко, немој да одиш, ќе те растргнат!“), очудувањето (експлозивен бардак-коктел), сказот или „орализацијата („неуспешниот атентат на Маркота Цепенкова“), гротескноста („се задржува по ходниците на институциите на системот“), каламбурот („госпоѓа проф. др. од Северна Југоисточна Европа“), метајазичноста („никогаш нема да можам да ги почнам моите утра како во западните филмови“), етимолошките метафори и хомонимии („масажерката – жена која пренесува масажи/пораки“), итн.
     Инаку, претходниот роман на Лафазановски „Опишувач“ (2001), исто така, тргнува од позиција на мета-текст и резултира со тн. соголување на постапката, разоткривање и, секако, демистификација на авторскиот „набој“ и култот на писателскиот „занает“, што, тој го претставува како и секој друг занает, кој настанува по нарачка, без автентичен удел на мајсторот во него.
     Новиот роман, тавтологично насловен како „Роман за оружјето“, не само што ја следи, туку и до перфекција ја развива оваа, нималку едноставна „анатомија“ на различните занаети. Овојпат, читателот е упатен кон разголување и разобличување на занаетот „научен работник“, прикажан во тесна спрега со „идеолошкиот“ занает, за прозводство и врамување на јавниот дискурс .
     Дефинитивно, „Романот за оружјето“ е роман за Кандид од „наше маало“, со тоа што, овојпат, Кандид е нараторот – фолклорист, посветен на проучувањето на разновидните оружја и вработен во Музејот за ретки оружја. А, во улогата на „наше маало“, овојпат, настапува Балкан „експресот“, со кого повеќе стоиме во место или се враќаме наназад, отколку што патуваме во идно време… Инаку, останатото воглавно останува исто – детронизација и игра со сите можни авторитети,






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+