Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 36 | година VII | мај-јуни, 2004



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 36мај-јуни, 2004
Поезија

Песни

/3
стр. 1
Махмуд Дарвиш

Мурал
Без прогонство, кој сум јас?
Јас припаѓам таму

_______________________________________________________________________

Мурал
(извадоци)

Ова ти е името –
рече една жена
и исчезна зад свиокот од ходникот
а таму го видов небото на дофат.
Крилото на бел гулаб ме носи
кон некое друго детство. А не ни сонував
дека сум сонувал. Сè е вистинско.
Знаев дека сум се отфрлил себе
и полетав. Ќе станам она што сакам
во конечната сфера. А сè
е бело. Морето виснало
над покрив од бели облаци. Ништотноста е бела
во белото небо на апсолутот.
Јас бев и не бев. Во белината на вечноста
јас сум сам. Дојдов, се чини, пред време;
не се појави ангел да ме праша:
„Што правеше онаму, во светот?“
Не го чув набожниот повик,
ниту стенкањето на грешниците бидејќи сум сам
во белината. Јас сум сам.
Ништо не ме боли на вратата од кобта.
Ни времето ни чувството. Не ја чувствувам
леснотијата на нештата, ниту тежината
на стравовите. Не можев да најдам
никој за да го прашам: Кај е моето каде сега?
Кај е градот на мртвите
и кај сум јас? Тука
е ова не-овде, во ова не-време,
нема никого, ниту ништо.
Како да бев умрел еднаш порано,
го знам ова богојавление и знам
дека сум на пат кон она што не го знам.
Можеби сум уште жив некаде другаде
и знам што сакам.
Еден ден ќе станам она што сакам.
Еден ден ќе станам мисла,
земена во пустелија
но не од меч или од книга
како да врне дожд врз некоја планина
расцепена од буен страк трева,
кајшто нема да ликува ни моќта,
ниту правдата за бегалецот.
Еден ден ќе станам она што сакам.
Еден ден ќе станам птица
и ќе го истргнам моето битие од моето небитие.
Што побргу ми горат крилјата,
толку поблиску сум до вистината, воскреснат од правта.
Јас сум дијалог на сонувачи; си го одбегнав телото и себе
за да си го довршам првото патување кон значењето,
што ме изгоре и исчезна.
Јас сум отсутност. Јас сум небесен отпадник.
Еден ден ќе станам она што сакам.
Еден ден ќе станам поет,
вода послушна за мое созерцание. Јазикот ми е метафора
за метафората, па така нема ни да рецитирам ни да покажам
на некое место; местото ми е гревот и трикот.
Јас сум од онаму. Моето тука ми скока
од стапките до вообразбата…
Јас сум тој кој бев или ќе бидам,
створен и сразен
од бескрајниот, ширен простор.
Еден ден ќе станам она што сакам.
Еден ден ќе станам лоза;
нека летото ме исцеди сега
и нека минувачи ми го пијат виното,
осветлено од канделабрите на шеќерново место!
Јас сум гласот и гласникот,
јас сум малите адреси и поштата.
Еден ден ќе станам она што сакам.
Ова ти е името –
рече една жена
и исчезна во ходникот од својата белина.
Ова ти е името; запомни го добро!
Не расправај се за некоја од неговите букви,
заборави на племенските барјаци,
спријатели се со своето хоризонтално име,
искуси го со живите
и мртвите и труди се
да ти го сричаат точно
во друштво со странци, врежи го
врз карпа во пештера:
О име мое, ќе растеш
како што растам јас и ти ќе ме носиш
како што те носам јас;
некој странец е брат на друг странец;
ќе ја земеме женската самогласка
посветена на кавали.
О име мое: кај сме сега?
Кажи ми: Што е ова сега? Што е она утре?
Што е времето, што е местото, што е старо, што е ново?
Еден ден ќе станеме она го сакаме.


Од англискиот превод на Саргон Боулус: Б. Ѓузел  






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+