Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 05 | година I | октомври-ноември, 1998



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 05октомври-ноември, 1998
Есеи

Границите на јазикот - граници на светот?

/6
стр. 1
Ана Димишковска - Трајаноска

Меѓу клучните и најчесто цитирани ставови од делото на водечкиот мислител од областа на логиката и философијата на јазикот во дваесеттиот век – Лудвиг Витгенштајн, спаѓа и ставот 5.6 од неговиот Логичко-философски трактат, кој гласи: „Границите на мојот јазик ги означуваат границите на мојот свет“[1]. Овој кус есеј претставува обид да се развијат извесни консеквенци имплицирани од овој прочуен филозофски диктум, кои напати ги пробиваат границите наметнати од строгата архитектоника на Трактатот – „библијата на логичкиот позитивизам“.
    Една од најпровокативните поенти кои произлегуваат од идејата за идентичноста на границите на јазикот и светот, е фокусирањето на вниманието врз т.н. трансцендентална димензија на јазикот. Locus classicus во поглед на дефинирањето на поимот на трансценденталното, како и неговото воведување во супстанцијалниот корпус на подоцнежните философски теории, претставува Кантовата формулација од Воведот кон Критиката на чистиот ум, која гласи: „Трансцендентално го нарекувам она сознание кое не се занимава со предметите, туку со нашето познание на предметите, доколку тоа е можно а приори“[2]. Освен моментот на априорноста, односно независноста од конкретните објекти на познанието, трансценденталните форми поседуваат уште еден исклучително значаен капацитет: имено, тие го овозможуваат и омеѓуваат севкупното човечко искуство, на тој начин што вршат систематско поврзување на емпирискиот материјал во суредена и осмислена сознајна целина, наречена „свет“. Кантовите анализи се концентрирани врз просторот и времето како чисти форми на сетилноста („интуицијата“) и категориите (на квантитет, квалитет, релација и модалитет) како форми („чисти поими“) на разумот. Според Кант, „сите сетилни интуиции потпаѓаат под категориите, како единствени услови под кои е можно нивната мноштвена содржина да биде обединета во една свест“[3]. Тој, исто така, му посветува особено внимание на судот, чија логичка функција ја согледува токму во „обединувањето на мноштвената содржина на дадените претстави во една аперцепција“[4].
    

_____________________________________

1. Ludwig Wittgenstein, Tractatus Logico-Philosophicus, London, Routledge and Kegan Paul, 1958, p.149.
2. Immanuel Kant, Critique of Pure Reason, transl. By J. M. D. Meiklejohn, London, G.Bell and sons, 1924, p.16.
3. ibid., pp. 88.
4. ibid.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+