Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 48 | година IX | мај-јуни, 2006



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 48мај-јуни, 2006
Галерија Осврти

ДВеконструкција

/1
стр. 1
Влатко Галевски

    Вообичаено е насловот да произлегува од идејата. Во случајот на Дарко Мораитов, односно колекцијата портрети со наслов „ДВеконструкција“ содржи, пред сè, синтезична, значи и формално обединувачка структура на портретите, а дури потоа обид за разоткривање на различноста.
    

    Привидната униформност на „црно-белиот“ човек е само горниот слој на неговите фотографии. Под него се откриваат безброј нијанси на бои, невидливи а тактилни, нестварни а пастелни, непостоечки а присутни. Така, црното и белото функционираат како еднакви вредности, без меѓусебен конфликт, туку како суптилен момент на нивната симболичка спротивставеност. Оттаму и наѕирањето на хроматското скалило на топлите и студени нијанси на фотографиите на Мораитов, од кое произлегува и дискретното соочување на сенките и светлината, не давајќи предност ниту на едната од нив, туку по принципот на јин и јанг двојно се определуваат.
    

    Мораитов има потреба кај консументот да разбуди љубопитност, да изнуди откривање на дребни, но не и случајни нешта, да ги иницира сетилата и да го разбуди подзаспаниот оптимизам. Но, Мораитов има потреба, исто така, кај своите модели да гребне и во нивните алтер ега, во хомо дуплексот иманентен само на разумниот цицач, да загатне и одгатне во исто време.
    

    Во изборот на диптихот како форма, авторот ја открива двозначноста, го предлага дуализмот во единственоста, монизмот на плусот и минусот, открива дијапазон во унисоноста.
    

    Но, компликувањето не е ниту стил, ниту метод на Мораитов. Напротив, неговиот објектив регистрира изострено и прецизно, без непотребни афектирања. Можеби затоа зад едноставноста на неговите реакции секогаш стои принципот на откривање на убавото. Камерата во рацете на Дарко не ги лови симболите и метафорите, туку спонтано ги открива и ги бележи. Затоа, расположенијата на портретираните се клучниот момент на авторовата инспирација, кога стоп-кадарот е оној вистинскиот миг издвоен од „монотонијата на движењето“.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+