Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 48 | година IX | мај-јуни, 2006



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 48мај-јуни, 2006
Галерија Осврти

Архаизам, постмодерна и мали ѕвезди за големи соѕвездија

„Астер Фест“, Струмица (26-29 мај)


/3
стр. 1
Ана Василевска

Авторите од Југоисточна Европа спонтано создаваат речиси идентични приказни.

    „Астер Фест“ е името на новиот фестивал за независен филм и видео, кој се одржа на крајот од мај во Струмица. Второто издание на фестивалот, иако во кревок зародиш, со интересен и провокативен концепт си обезбеди одлично место во мапата на регионалните филмски фестивали. Ѕвезденото име на фестивалот не значи дека тој ги слави филмските ѕвезди, туку дека осветлува поинакви кинематографии. Суптилно ја отвора „балканската црна кутија“ од тоните филмска лента на кои е овековечена историјата специфична за еден дел од планетата. Околу 80 краткометражни, долгометражни играни и документарни филмови снимени во различни формати пристигнаа од 27 земји. А, за најдобрите од официјалната конкуренција на 10 филмови следуваше и награда „Златна потковица“ – за среќа, се разбира.
    Иницијалната насока за организаторот на фестивалот, Горан Тренчовски, е независната продукција од земјите на Југоисточна Европа. Сè повеќе, природно или наметнато, овој дел од светот се препознава во една целина. Логично, кога ќе погледнете барем 10 филмови од овие земји амбицирани да ја покажат својата реалност, ќе се соочите со неколку речиси идентични нивоа. Почнувајќи од фактот што сите тие работат со минимални буџети, до инспирацијата која ја наоѓаат во своето социјално опкружување и до она најважното, авторите општат со идентична катарза. Поточно, економската немоќ, воените трауми, транзицискиот хаос, сета рефлексија од распадот на земјите со комунистичкото уредување што остава сериозни белези во индивидуалните судбини, се премногу силни адути кои ја врзуваат публиката и филмските автори од овие земји. Налик на групните психотерапии, полето на креативните визуелни медиуми е бескраен полигон за лекување и зацелување на траумите.
    Четири дена, проекциите на „Астер фест“ се случуваа на алтернативни локации адаптирани за камерно кино прикажување. Под отворено небо, во крајно некомфорни седишта, но пред многу љубопитни очи кои создаваат силна интимна фузија. Културолошкиот код на оваа мала средина полека се открива пред манифестацијата која им го отвора погледот и ги шири зениците за рецепција на нешто повеќе од здодевното секојдневие. На утринските средби на авторите често сведоштво на конструктивни и жестоки полемики за сè нешто поврзано со филмот. И тука се најдоа. Ги коментираа сизифовските маки да се стигне до средства за да го реализираат своето дело, недостатокот на слух кај оние кои решаваат за парите, сè до мигот кога тоа го претворат во креативни работилници на кои се раѓаат некои идни сценарија.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+