Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 49 | година IX | јули-август, 2006



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 49јули-август, 2006
Критика

Против пред-архивскиот менталитет

/5
стр. 1
Јасна Котеска

Овие неколку реда се посветени на книгата „Женската страна на приказната: кризата во Македонија 2001 година“ од Александра Бубевска и Мируше Хоџа, Евробалкан пресс, 2006 година.

    


    1. „Женската страна на приказната“ се занимава со војната од 2001 година. Се сеќавате на 2001 година? Таа година изгубив некого, чија историја сè уште не е расчистена. Таа година живеев во последната зграда од линијата на улица „Илинденска“. Прозорецот гледаше на Скопска Црна Гора и ги слушав или ми се чинеше дека ги слушам звуците на војната. Таа година престанав да купувам весници, многу други тогаш почнаа. Во нив, пишуваше дека сме во ситуација. Како што во Босна прво беа во ситуација, па подоцна дознавме дека всушност биле во војна, додека ние мислевме дека се само во ситуација.
    2. Во 2001 година на телевизиските екрани конечно видовме што значи кога твоето видно поле ќе ти го организираат како мапа. Мапата нуди птичја перспектива. Воени лего коцки. Твојот поглед кружи над скопските и над тетовските села, како да си пилот на воена ескадрила. Секоја вечер ги гледаш движењата на повлекување или на освојување. Мапата е чиста. Таа го крие испегланото лице на смртта. Зад драматичноста на мапата ја насетуваш смртта, но за дадениот момент таа е избришана од твоето видно поле. Оваа книга ќе ти го врати тоа што тогаш телевизиската мапа ти го одзела. Ќе ти го врати лицето и ќе ти ја врати иконичноста на смртта. Дефинитивно ќе ти покаже како изгледала војната од внатре.
    3. „Женската страна на приказната“ содржи шест приказни, три македонски и три албански. Сите ти изгледаат тажни, ужасно траорни и бекетовски апсурдни. Зависно од твојата визија за војната од 2001, ќе ги видиш секакви: избезумени, индоктринирани, херои, хипнотизирани. Но, сите, без разлика, ќе ти заличат на топовско месо. Месо катапултирано во првите борбени редови. Топовско месо што плаче. Плачењето ќе го видиш. Нема да ги видиш оние од горе, што ги држат далечинските управувачи со кои го теледиригираат чипот под кожа. Само една ужасна болка на тоа што е под таа кожа. Можеби веќе ти е јасно кои беа виновниците, а кои жртвите, кои беа наградените и казнетите, кои беа двојно жртвуваните. И тоа е во ред. Но, овде, за момент, сите ќе ти се видат исти. Губитници. Ќе ти стане (уште еднаш) јасна тежината на одговорноста.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+