Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 50 | година IX | септември-октомври, 2006



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 50септември-октомври, 2006
Галерија Осврти

Молци

– проект на Бојан Симовски и колегите апсолвенти на Катедрата за Историја на уметноста –


/1
стр. 1
Владимир Јанчевски

    На 01.07.2006 почна да се реализира првиот дел (од двата замислени) на проектот МОЛЦИ. На неколку локации низ градот пред позначајните државни институции (Собрание, МАНУ, Влада, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“) беше поставен објектот – црвена вреќичка против молци (но во огромни димензии) која послужи како фотографски модел за реализација на овој проект.
    

    Автор на овој проект е Бојан Симовски, кој досега има реализирано уште два ангажирани уметнички проекти: „Весела свадба“ во Куклица и „Крик“ во руинираната печатница Гоце Делчев во Скопје.

Во недостаток од (политичка) моќ нештата да ги менуваат, младите наоѓаат волја и поинакви средства да алармираат за проблемите и да ги проблематизираат прашањата кои го нарушуваат нормалното функционирање на индивидуата во рамките на општеството.
    

    Проектот „Молци“ на Бојан Симовски и колегите апсолвенти на Катедрата за Историја на уметност, користејќи го моментот кога вниманието е свртено врз Институциите, има за цел преку една метафоричка игра, преку еден пред-изборно-пост-изборен „ритуал“, да ја одигра улогата на остар критичар на институциите и коректив на општеството кое се темели врз нив. Молците се метафоричка ознака, но се јасна алузија на Штетниците кои се дел од државните институции, и свесно или несвесно, дали поради недостаток на волја, дали поради неспособност или пак поради криминални мотиви, однатре ги нагризуваат. Затоа, оваа „вреќичка со нафталин“ со зголемени димензии, има намера да се прошета пред клучните државни институции кои се „темел“ на системот, и кој само што не се срушил врз нас.
    

    Овој ни малку наивен проект, со својот цврсто поставен и ангажиран став е јасна и лесно читлива метафора, револт на младиот уметник, кој се решава тоа да го визуализира преку една иронизирана критика на ниво на игра користејќи минимални средства, и едноставни и прочистени форми. Објектот е наполнет со стуткани весници, кои секојдневно известуваат за нефункционирањето на институциите. И Боите на објектот секако не се случајни, но сепак нагласуваме дека нивниот поттекст не смее да се карневализира и да се сведе на дневна политика.
    

    Целта на проектот се остварува кога ќе се воспостави релација, на ниво на значење, помеѓу опозициски поставените елементи, објектот (визуелен/сликовит) и насловот (вербален/текстуален). Токму инвентивната, фрагментарна, односно бинарно-опозициска поставеност на концептот, кој се состои од насловот (Молци), како цел, и објектот (Вреќичка со нафталин) како средство, е претпоставка, односно провокација до јавноста за воспоставување комуникација помеѓу објектот, (неговата форма, значење и цел) и свеста на јавноста од друга страна, како единствен заеднички двигател на „Прочистувањето“.
    

    Авторот не претендира да се презентира себеси и своето дело како елитистичка уметност. Неговата намера е многу едноставна: да укаже, на креативен начин, дека е потребна „дезинсекција“ на нашите институции, и промена на нашиот менталитет и нашиот неодговорен однос кон општеството.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+