Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 52 | година X | јануари-февруари, 2007



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 52јануари-февруари, 2007
Галерија Осврти

Кон изложбата на Евгениј Пантев

/1
стр. 1
Дејан Буѓевац

   Евгениј Пантев во своите графики ја истражува максималната издржливост на ликовната постапка наречена сува игла.
    Како непосреден израз на графичкото мислење, како суптилна парадоксалност во својот мултиоригинален процес, сувата игла на Пантев му овозможува фина транспозиција на сопствената поетика, на цртачките промислувања и на композиционите гестикулации.
    

    Во една континуирана работа, Пантев ја продлабочува затворената можност на самиот медиум, ги манифестира наједноставните принципи - цртеж непосреден на плоча - во еден креативен процес; во процес доволно хедонистички определен за да може авторски да издржи/истрае во самата тематска ограниченост. Придржувањето на техничкиот аспект на работата е и самата слобода во изразувањето.
    

    Покрај претходно замислениот изглед на делото, техничките и студиските прилики на истражување ја претставувааат, всушност, самата тематска содржаност, самата мотивираност, односно, самата чувствителност на настанувањето. Темата кај Пантев се состои во себичната и долготрајната строгост на врежувањето, во широките можности на таквата постапка, во „шкртоста“ на процесуирањето и камерното случување на делото, во мекоста и отпорот на материјалот, во тактилноста на притисокот и деликатното разградување за да се добие, во една аскетска смисла, сфуматозната перспектива на линијата.
    

    Во творењето на своите графики, Пантев како матрица ја употребува “puzzle” формата. Меѓутоа, за разлика од нејзината препознатлива нумерирана употреба, како дел или единица од една целина/сложувалка, кај Пантев „пазл“ формата добива самостојна состојба, независна од било каква заедничка организираност. Тој го издвојува „пазл-от“, го укинува како употреблив дел од некоја комерцијална предметност, го продолжува во една нова игра посветена на индивидуализацијата; го преместува во препознатливоста со човечката креатура, со облината, со торзото.
    

    На тој начин, Пантев ја гради исечената форма на матрицата, во чија внатрешнина го провлекува дејството и длабочината на линијата. Внатре, во исеченоста, во изрежаноста, тој ја бразди сугестивноста на својата поетика, затегнатата експресивност на цртачката претстава, креира линиски мемории без никакви одредби за сценографскиот контекст, лирски инсерти и графизми, разни апстрактни амбиенти, урбани исечоци, пејзажни гестикулации, геометризирани дескрипции, гради светлотемни односи во еден пастелен манир, една линеарна и мека напнатост во колоритот на нијансирањето.
    

    Графиките на Пантев се фин пример на една поетска истрајност и емотивна верба во специфичната техника како што е сувата игла. Неговите дела, неговите ненаметливи фрагментарни записи, го изразуваат личниот опис на самата техника, не-случајниот избор и договор помеѓу сувата игла како творечки процес и личните желби, односно, внатрешните барања на Евгениј Пантев.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+