Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 55 | година X | јули-август, 2007



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 55јули-август, 2007
Есеи

Литературна рамка

/6
стр. 1
Џон Фроу

Функцијата на естетската завршеност што го обележува литературниот простор е да се воведе особен историски пренос на „реалното“ и „симболичкото“ во кои дејствува текстот. Границата на текстот ги сочинува и ги дефинира својот специфичен фикционален статус[1] и начините на употреба што може да ѝ се припишат. Според тоа, границата, од еден аспект, е нематеријален систем на очекувани норми. Но, тврдам дека таа е и материјално отелотворена и не може да се смета само за ментална проекција; со зборовите на Ирвинг Гофман „една чаша може да биде наполнета од кое било царство, но нејзината рачка му припаѓа на царството определено како реалност“.[2]
    Ќе го употребувам терминот рамка за да го означам тоа ограничување, кое во исто време е материјално и нематеријално, литературно и фигуративно, меѓу блиските и различните онтолошки царства. Рамка може да биде што и да е што дејствува како знак на квалитативна разлика, знак на границата меѓу означениот и неозначениот простор. Ако оваа дефиниција изгледа тавтолошки, тоа е така бидејќи уште од Мос и, на друг начин, од Дишан, знаеме дека естетскиот простор не е антрополошка константа, туку е конституиран од културно препознавање: тоалетната шолја што стои во музеј е естетски објект, бидејќи музејот таа состојба ја определува како естетска.
    Секој естетски објект или процес има рамка или рамки што се особени за него. Со оглед на тоа дека рамката не е едноставно материјален факт, таа може да биде повеќестрана – на пример, рамката на една слика може да биде засилена од пошироката рамка на музејот – а за „острицата“ на делото можеме да мислиме како за серија концентрични кругови во кои е затворен естетскиот простор. Театарскиот простор е дефиниран од границите на сцената и од театарската ситуација (односот на публиката спрема сцената и конвенцијата дека просторот на сцената е привилегиран простор на илузијата).[3] Кино-просторот е дефиниран од платното – преку темнината што го опкружува платното, преку апаратите за проекција, преку состојбата на кино-салата, преку рекламите и огласните табли што создале очекувања дека ова е филм и тоа одреден вид филм. Но, тука е и внатрешната рамка, титлот, што ја надополнува и ја смалува предодредбата на видот естетски простор што е претставен. За литературниот текст рамката е особено комплексна: таа се состои, најпрвин, од кориците на книгата или од зборовите што ја насловуваат песната во списанието (или од рецитацијата или ситуацијата на читање); од насловните страници што ги определуваат очекувањата од жанрот и очекувањата создадени од датумот, од името на авторот,

_____________________________________

1. Boris Uspensky, A Poetics of Composition, trans. V. Zavarin and S. Witting (Berkeley: University of California Press, 1973), p. 140.
2. Erving Goffman, Frame Analysis: An Essay on the Organization of Experience (New York: Harper & Row, 1974) p. 249.
3. Ibid., pp. 124-125.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+